МАКРОН БРАНИ УБИЈЦИ Нетанјаху го обвини францускиот претседател за „крвни клевети“
Наместо да го поддржи западниот демократски камп кој се бори против исламистички терористички организации и да повика на ослободување на заложниците, Макрон повторно бара Израел да се предаде и да го награди тероризмот, се наведува во соопштението на Кабинетот на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во средата го обвини претседателот на Франција, Емануел Макрон, дека застанал на страната на Хамас против Израел и дека кажува „крвни клевети“ против еврејската држава, откако францускиот лидер остро ја критикуваше израелската политика во Газа – што дополнително ги влоши и онака нарушените односи меѓу Ерусалим и Париз, објави Тајмс оф Израел.
„Макрон повторно избра да застане на страната на една убивачка исламистичка терористичка организација и да ја повторува нејзината одвратна пропаганда, обвинувајќи го Израел и користејќи крвни клевети“, се вели во соопштението на Кабинетот на премиерот.
Кабинетот додаде дека Израел се бори „за своето опстојување поради ужасниот масакр што Хамас го изврши врз недолжни луѓе на 7 октомври, вклучително и убиството и киднапирањето на десетици француски државјани“.
Во одговор на коментарите на Макрон од претходниот ден, во соопштението се додава:
„Наместо да го поддржи западниот демократски камп кој се бори против исламистички терористички организации и да повика на ослободување на заложниците, Макрон повторно бара Израел да се предаде и да го награди тероризмот“.
Кабинетот истакна и дека премиерот Нетанјаху е „решен да ги исполни сите цели на израелската војна, вклучително и ослободување на сите наши заложници, уништување на воените и на управувачките капацитети на Хамас, како и гарантирање дека Газа никогаш повеќе нема да биде закана за Израел“.
Израелскиот министер за одбрана, Исраел Катц, во средата изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон „не треба да држи морални лекции“, откако Макрон ја критикуваше израелската блокада на хуманитарната помош за Газа.
– Добро се сеќаваме што им се случи на Евреите во Франција кога не можеа да се бранат. Претседателот Макрон не треба да ни држи морални лекции – изјави Катц.