Макрадули се пожали дека „Пошта“ ја наследил со повеќе од 10 милиони евра долг

1,421

Покрај ковидот на Пошта на Северна Македонија лани ѝ се случи и стечајот на Еуростандар банка што од 12 август сериозно придонесе за негативниот финансиски тренд на компанијата и генерирање сериозни загуби, посочи денеска генералниот директор на Пошта Јани Макрадули.

– Во најдобрите денови имало и два милиони денари дневен промет, односно 20 милиони денари месечно. Прометот се движел од 15 до 20 милиони денари месечно со што излегува дека загубите од неработењето на платниот промет се големи – рече Макрадули во одговор на прашање по посетата на поштата во Карпош заедно со членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи.






Компанијата, како што рече, ја наследил со тековен финансиски минус од 2,5 милиони евра и акумулиран минус од 10-тина милиони евра, кои, посочи, не секогаш се по вина на менаџментот на Пошта, туку за него придонеле и неколку одлуки на владите и на Собранието.

– Со одлуки на владите и на Собранието се простени долговите кон Пошта, а 4,2 милиони акции кои се продале од Поштенска банка пред 10-тина години не биле вратени во Пошта и се акумулирал минус од 10-тина милиони евра. Но, ние мораме да најдеме начин финансиски да ја стабилизираме компанијата и тоа ќе го направиме со воведување на нови услуги, со електронската трговија која верувам дека ќе започне на 8 март и со воведување и на други заеднички услуги со нашите партнери од Халк банка – рече Макрадули.

Пошта, како што посочи, има 2.035 вработени од кои 800 се пошторазнесувачи, а заедно со шалтерите на платен промет се околу 1.300. За жал има вишок во делот на администрација.

– Имаме луѓе кои не придонесуваат онака како што треба и товарот паѓа на помалку кои ја вршат и нивната работа. Во овој момент сакаме финансиски да ја стабилизираме компанијата за  да можеме потоа кредибилно да се претставиме во светот. Структурата на вработените во Пошта е повозрасна и 60 проценти се од 55 години нагоре, а 60 отсто од вработените имаат средно образование. Голем дел одат во пензија и потребна е свежа крв да влезе  за компанијата да биде поатрактивно во работењето и да биде поконкурентна. Можеби со прераспределба полесно ќе се решат проблемите – истакна Макрадули.

Има луѓе со кои разговараме за јавно приватно партнерство, додаде Макрадули, а предноста на Пошта, е што има инфраструкутра и ја покрива цела територија на државата, како и искуството и знаењето на луѓето што работат во Пошта.

Пошта во партнерство со Халк банка од денеска повторно ја стартува работата на платниот промет. Денеска стартуваа услугите во 35 поштенски единици, за утре или задутре е најавено отворање на уште едена, а до крајот на неделава, по истекувањето на тест периодот за софтверски и безбедносни протоколи и за продукцискиот дел, ќе почне во сите 300 единици ширум земјава.

Поврзани содржини