„Макпетрол“: Никој ништо не ни подарува, реалната цена на ГА-МА е 65,5 милиони евра
„Макпетрол“ се повикува на Законот за енергетика според кој треба да го продаде друштвото ГА-МА.
На „Макпетрол“ никој ништо не му подарува. Напротив, државата купува од „Макпетрол АД Скопје капитален објект по реална цена, кој единствено денес функционира во областа на гасификацијата на РСМ, реагира компанијата откако опозицијата на седницата на Собранието обвини дека Владата ја купува ГА-МА по цена повисока од реалната.
Од компанијата се повикуваат на проценката на Друштвото ГА-МА направена од страна на овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења како орган на државната управа во состав на Министерството за правда. Проценката е направена пред да се изврши трансакцијата.
– Со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50% во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на „Макпетрол“. Според тоа, на Макпетрол АД Скопје никој ништо не му подарува. Напротив, државата купува од „Макпетрол“ Скопје капитален објект по реална цена, кој единствено денес функционира во областа на гасификацијата на РСМ. Само за потсетување на оние кои имаат кратко паметење, Владата на РСМ, пред 4,5 години, го изгради најскапиот гасовод во светот. За кракот од Клечовце до Штип во должина од 60,6 километри потрошени се 76,7 милиони американски долари или околу 65 милиони евра –мртва инвестиција која до ден денес не функционира, а од „Макпетрол“ се купува функционален гасовод во должина од 205 километри – велат од „Макпетрол“.
Компанијата појаснува дека ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на „Макпетрол“ АД Скопје и Владата на РСМ, со по 50% од вкупниот основачки капитал на Друштвото, во износ од 37.612.500 евра.
– Од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата – велат од компанијата.
Од „Макпетрол“ велат дека воопшто не се изненадени од арогантноста, нивото на политичка култура и примитивизмот на дел од пратениците во Собранието на РСМ.
– Но, изненадени сме од изнесените навреди и невистини во врска со „Макпетрол АД Скопје, ТВ ТЕЛМА и нивното раководство, како и од намерата да се блокираат евроинтеграциите на земјата со попречување на усогласувањето на домашното законодавство со ЕУ директивите, во конкретниот случај со Третиот енергетски пакет – велат од „Макпетрол“.
Оттаму додаваат дека не сакаат да ги коментираат ставовите дали оваа проблематика треба или не треба да се регулира со закон, од причина што подносител на иницијативата до Собранието на РСМ не е ниту може да биде „Макпетрол“, туку Владата на РСМ.
– Но, обврска на „Макпетрол“ е да го почитува Законот за енергетика, кој е усогласен со Третиот енергетски пакет, и мора да го продаде својот удел од 50% во ГА-МА АД Скопје, бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас.- велат од компанијата.
Од „Макпетрол“ додаваат дека сопственичката структура на компанијата е јавно достапна и може да се провери во надлежните институции и не треба од собраниската говорница да се пласираат лаги од страна на поедини пратеници.
Исто така, додаваат од „Макпетрол“, лага е дека се воделе преговори за продажба на ТЕЛМА на бугарски инвеститори.
– Станува збор за класична конструкција и манипулација, која нема допирна точка со реалноста.Ги прашуваме пратениците од опозицијата, ако се толку многу загрижени за граѓаните во нашата држава, зошто експресно и без дискусија беше изгласан Законот за финансирање на политичките партии од буџетот на РСМ? Дали тука водеа сметка за парите и за потребите на граѓаните или за своите лични интереси? – прашуваат од „Макпетрол“.
Од компанијата додаваат:
– Јавноста во државата треба да знае дека говорот на омраза и навредите упатени кон „Макпетрол“, ТВ ТЕЛМА и нивното раководство од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последица на неостварената желба на нивниот лидер да влијае врз уредничката програма на ТВ ТЕЛМА.ТВ ТЕЛМА отсекогаш била неутрален и објективен медиум, таков ќе остане и во иднина, и никогаш нема да служи за остварување на ничии партиски цели и интереси.