„МАКЕКСПРЕС“ ЌЕ ГО ТУЖИ ГРАДОТ СКОПЈЕ Арсовска нема основа да го раскине договорот, тврдат приватните превозници

Градот Скопје му должи на „Макекспрес“ 500.000 евра, но како што вели Димитриевски, тие никогаш не барале долгот да се плати одеднаш.

816

Ќе ги искористиме сите правни можности за да го решиме спорот и ако треба ќе тужиме, вели еден од сопствениците на приватниот градски превозник „Макекспрес“, кому Град Скопје преку ЈСП му го раскина договорот.

Милорад Димитриевски, еден од сопствениците на компанијата која учествува во реализацијата на јавниот автобуски превоз во Скопје, вели дека прво ќе се жалат на одлуката на Градот, а потоа ќе поднесат тужба до надлежниот суд.
– Нема основа за раскинување на договорот од страна на Град Скопје. Ние намерно и самоиницијативно не го прекинавме одржувањето на линиите, туку бевме принудени на тоа бидејќи Градот и ЈСП навреме не ги плаќаа договорените суми пари од реализираниот превоз. Поради големиот долг и ненавремената исплата бевме доведени во ситуација да не можеме да набавуваме гориво, да исплатиме плати и да регистрираме дел од автобусите за кои беше дојден периодот на пререгистрација. Тоа беше и причина што нашите автобуси не ги реализираа линиите – вели Димитриевски.
Градот му должи на „Макекспрес“ 500.000 евра, но како што вели Димитриевски, тие никогаш не барале долгот да се плати одеднаш. Сега Градот ќе треба да го исплати.
– Со оглед на моменталната состојба не очекувавме наеднаш да ни биде платен долгот. Бевме договорени тоа да се направи на рати, но неделните аванси да се исплаќаат навреме за да можеме да возиме. Но тоа не се случи и западнавме во криза – додава Димитриевски.
Според него, во договорот со Градот не е предвидена обнова на возниот парк како што тврди Градот.
– Нема клаузула во договорот дека ние треба возилата да ги обновиме во одреден рок. Да, нашите возила се од постара генерација, ама сите ги исполнуваат условите за добивање лиценца, и ги поседуваме лиценците, кои патем да кажам, ги издава Град Скопје. Значи и тука нема основа за раскинување на договорот – вели Димитриевски.
Тој се согласува дека во последен период не се реализирале целосно линиите бидејќи немале пари за гориво.
– Тврдат дека не сме реализирале 80 отсто од една линија, но како да ја реализираме, ако не ги исплаќаат парите кои ги користиме за набавка на гориво? Кога редовно ги плаќа неделните аванси нашата реализација се движеше од 96 до 99 отсто. Според договорот ЈСП требаше да ни исплаќа аванс за 70 отсто од реализираната километража во претходната недела и на крајот на месецот со фактурата да доплати уште 30 отсто. Но тоа со месеци не се случува – вели Димитриевски.
Тој се надева дека проблемот има шанса да се реши, но ако не се случи тоа ќе бидат принудени да тужат.
„Макекспрес“ возеше на линиите 19, 20, 22, 52 и 54 каде што врши превоз со 77 автобуси во три смени.
Од Град Скопје соопштија дека на овие линии сега ќе вози ЈСП.

Поврзани содржини