МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ НЕ Е ЗАТВОРЕНО – НЕ СМЕ ВО ЕУ, МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА НЕМААТ ПРАВА „Верувајте во нас, никогаш нема да ве засрамиме“

Прашан за реакцијата од Грција на неговата изјава дека сè уште трае борбата за македонското прашање, премиерот Христијан Мицкоски одговори дека е зачуден зошто таква реакција и од каде тие се почувствувале повикани, кога никој не беше споменат во неговата изјава.

897

Сè додека ја работиме оваа работа, нема пречка што е невозможно да се помести. Ќе работиме катадневно и Ве молам верувајте во нас, никогаш нема да дозволиме ниту Вас, ниту самите себе да се засрамие, им порача вечерва на македонските граѓани премиерот Христијан Мицкоски во интервју за дневникот на МРТ.

Прашан за реакцијата од Грција на неговата изјава на средбата со дијаспората во САД дека сè уште трае борбата за македонското прашање кое не решено и повикот да се вклучат сите, Мицкоски одговори дека е зачуден зошто таква реакција. Премиерот праша од каде тие се почувствувале повикани, кога никој не беше споменат во неговата изјава.






Тој потенцира дека нема да дозволи да бидеме испровоцирани и тоа да претставува еден процес што нема крај.

– Мојата цел и мојата порака е јасна. Како претседал на Влада би било неодговорно и предавнички кон македонскиот народ, кон македонските граѓани, јас да кажам дека македонското прашање е затворено во услови кога ние не сме дел од европското семејство, а патот сме го почнале многу пред некои земји-членки. Тоа е прашање што стои отворено – рече Мицкоски.

Според Мицкоски, потпрашање е зошто не успеавме во тој период, за што има објективни и субјективни причини.

– Но, главната причина според мене се билатералните прашања што не би требало да бидат критериуми и услови – рече Мицкоски.

Посуштинско прашање, додаде, е дека ние не можеме да кажеме дека македонското прашање е затворено кога Судот за човекови права има донесено одлуки и пресуди за Македонците од другата страна на границата во Бугарија, кои велат дека бугарското општество не ги почитува елементарните човекови права кон македонската заедница таму.

– Ќе биде неодговорно и предавнички од мене како претседател на македонската Влада ова да го игнорирам и на поданички и полтронски начин да се повлекувам, мислејќи дека на тој начин ќе ги решавам проблемите. Не, јас додека сум жив и се занимавам со оваа работа ќе се борам овие неправди да бидат исправени во 21. век. Кога мене ќе ме нема и нема да ја вршам оваа работа, тогаш останува на генерациите по мене. Но, мора да имаме институционална трага дека сме се бореле, не сме го напуштиле бојното поле и не сме биле издајници на македонскиот народ и на македонскиот идентитет – рече премиерот Мицкоски.

Зборувајќи за инвестициите од македонската дијаспора, Мицкоски информира дека наскоро ќе има многу добри вести. Тоа, нагласи, претставува наша цел, на што силно работиме.

– Ние мора да газиме напред со крупни чекори, а тоа се неколку процеси што мора паралелно да ги водиме. Свесен сум дека за тоа можеби е потребно повеќе енергија, но сум подготвен тоа да го правам сè додека гледам дека има резултати. Поддршката што ја добивам од граѓаните е моја инспирација и мотив, а таа е навистина голема. Ќе продолжам да работам затоа што вреди оваа борба. Колку и да има сили кои предаторски гледаат кон нас и од дома и од надвор, тоа само дополнително ќе нè мотивира дека ова што го правиме е исправно и е токму тоа што го очекуваат македонските граѓани – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Поврзани содржини