„МАКЕДОНСКО НАЈДОБРО“ ЈА ПРОДОЛЖУВА КАМПАЊАТА OД ДОЦНИТЕ 90-ТИ Јаболката, доматите и компирите наскоро ќе добијат „лична карта“

Две ипол децении подоцна македонските јаболка, домати и компири пак ќе ја добијат својата „лична карта“ на полиците во маркетите – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави јасни и видливи ознаки што ќе им помогнат на купувачите веднаш да ги разликуваат овие производи од увозните. 

498

Новата кампања „Македонско најдобро: Наша традиција, наша гордост“ е продолжение на логиката што уште во 1999 година ја заживеа акцијата „Купувајте македонски производи“. Таа порака и денес има ехо. Сјајот во очите на девојчето од рекламата од крајот 1990-тите, остана симбол на економска автономија и надеж дека купувањето домашно е најдиректната инвестиција во сопствената иднина.

Тогашната кампања иницирана од тогашниот министер за трговија Никола Груевски и режирана од Милчо Манчевски, поттикна јавна свест дека секое купување локално производство е чин на економски патриотизам.






Две ипол децении подоцна македонските јаболка, домати и компири пак ќе ја добијат својата „лична карта“ на полиците во маркетите – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави јасни и видливи ознаки што ќе им помогнат на купувачите веднаш да ги разликуваат овие производи од увозните.

Стара цел, нови тактики, зголемен извоз

Ознаките во маркетите ќе им овозможат на граѓаните полесно да ги препознаат македонските производи, а платформата makedonskonajdobro.mk треба да ги поврзе земјоделците со потрошувачите.

– Не е само реклама, ова е вистинска приказна за нашата земја и за вредните раце на земјоделците – истакна министерот Цветан Трипуновски.

Ако е информиран, потрошувачот ќе избере домашно

Стопанската комора на Северозападна Македонија ја поддржа иницијативата, но предупреди дека цената е подеднакво важна како и квалитетот. Вршителот на должноста претседател на Комората, Нухиу Алиу, истакна:

– Пазарот ни е либерален и не можеме да го затвориме за увозот, особено ако тежнееме кон ЕУ и нејзините стандарди. Но, ако потрошувачот е информиран и убеден во квалитетот, ќе избере домашно.

Алиу посочи дека посредниците со своите оценки често ги прават домашните производи поскапи од увозните.

– Нашата цел е купувачот да биде поблизок до производителот. Со купувањето домашно, граѓаните индиректно ги стимулираат земјоделците и придонесуваат за зголемување на производството – додаде тој.

Министерството најави и анализи на цените, нагласувајќи дека државната интервенција би се користела само во исклучителни ситуации и краток период, особено кај основните производи, сè додека пазарот не се стабилизира.

Kupujmo hrvatsko, Buy British, Choose Danish

Ваквите кампањи не се единствено македонска практика. Во Британија „Buy British“ се користи како алатка за зајакнување на домашната индустрија, во Данска „Choose Danish“ добива силна институционална поддршка, а во Хрватска „Kupujmo hrvatsko“ веќе години наназад е симбол за заштита на локалното производство.

Сите тие покажуваат дека патриотизмот во економијата најсилно функционира кога се надополнува со системски мерки и со фер трговски правила.

Македонија денес се обидува да се движи во таа насока – создавајќи симбиоза меѓу традицијата, дигиталните алатки и економската стратегија, со цел домашното да стане избор на мнозинството.

Поврзани содржини