Македонско малцинство по мерка на Захариева

Колкав би можел да биде бројот на македонски граѓани кои би прифатиле еден таков остар и груб рез во ткивото на историјата, и во создавањето и континуитетот на македонската нација, јазик и култура, со цел да се трансплантира некаква возобновена „бугарска самосвест“?

2,219

Македонија треба да ги признае „историските реалности, поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“, смета бугарската министерка за надворешни работи Захариева. Непопустливата „челична дама“ на бугарската политика испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет во С.Македонија, како резултат на процесот на самоопределување е можен и прифатлив во Софија, но само доколку „се признае“ дека тој процес се темели врз „ исторически български произход“.

Колкав би можел да биде бројот на македонски граѓани кои би прифатиле еден таков остар и груб рез во ткивото на историјата, и во создавањето и континуитетот на македонската нација, јазик и култура, со цел да се трансплантира некаква возобновена „бугарска самосвест“? Веројатно не е тешко да се претпостави дека би бил помал од бројот на оние граѓани, кои во Скопје во 1941 година со црвени килими ги пречекале како „ослободители“ бугарските окупаторски сили во составот на фашистичата хитлеровска коалиција, кои воспоставиле „локална бугарска администрација“.






Тоа што се чини е најинтересно во целата приказна околу градење добрососедски односи, е дека Бугарија истапува од позиции од кои јасно покажува дека само декларативно ги има прифатено копенхашките критериуми, однесувајќи се сè уште како да е земја кандидат од која се очекува да манифестира поголема политичка волја за исполнување на политичките критериуми за членство. Меѓу другото, и кога станува збор за почитување на човековите права и заштитата на малцинствата.

Бугарската официјална политика и по 13 години во ЕУ околу ова подрачје постава минско поле, настојувајќи да спречи какви било пробиви кон нејзиниот аутистичен свет во кој јакнењето на малцинските права, но и признавањето дека македонското национално малцинство постои, ја загрозува бугарската националистичка догма. Многупати досега е повторена вистината дека на Бугарија всушност ù е прогледано низ прсти, така што членството во ЕУ го има добиено со политичка одлука, а не преку темелен мониторинг на имплементирање на реформски зафати во духот на европските вредности.

Но проблемот станува појасен кога се анализира неуспехот на ЕУ да спроведе активна и динамична политика на зашатита на малцинските права. Тоа што недостасува се санкции кои би принудиле една ЕУ-членка да не прибегнува кон мерки и решенија што се во директна спротивност со критериумите од Копенхаген, усвоени во 1993 година, чие исполнување подразбира тесна поврзаност на правата на малцинствата со развојот на демократијата и владеењето на правото. Европскиот парламент смета дека „правото да се зборова сопствениот мајчин јазик и правото на образование на истиот е едно од најелементарните човекови права“. Токму затоа е потребно и почитување на одредбите од Лисабонскиот договор, со кој за првпат е овозможена правно обврзувачка основа за заштита на малцинствата на ниво на ЕУ.

Во други делови на Европа до израз доаѓаат поинакви искуства, во споредба со бугарскиот негативизам. Советот на ЕУ има донесено одлука дека ЕУ-институциите може да користат и јазици кои се признаени со уставот на една земја-членка, иако тие не се и официјални ЕУ-јазици. На пример, ЕУ има договор со Шпанија за користење на баскискиот, каталонскиот и галицискиот јазик во документи. Постои сличен договор и за велшкиот и шкотско-галскиот јазик со Велика Британија. И во двата случаја самите земји ги подмируваат трошоците за толкување и преведување. Јазичната политика на ЕУ се темели врз принципот дека јазикот, без оглед дали е официјален, регионален или малцински, е важен за културниот идентитет и интеграцијата во општетството.

А какви ставови деновиве можела да презентира бугарската министерка Захариева во Берлин? И дали тврдокорната „нулта толеранција“ за македонското малцинство во Бугарија некаде наидува и на разбирање? Станува збор за земја-членка на ЕУ, која, исто како и Грција, сè уште ги нема потпишано ниту Европска рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, ниту пак Европската повелба за регионални и малцински јазици, која мошне често е предмет на различни толкувања и полемки, но се базира врз сознанието за потребата да се даде придонес кон натамошниот развој на културното богатство, јазичната разновидност и традициите ширум Европа.

Бугарија, според подготвеноста и реформските резултати во практикувањето на европските вредности, денес веројатно не би била примена во членството на ЕУ. Со анулирање на македонското малцинство, па и на самата дискусија околу неговото постоење, проблемот за Бугарија не се намалува. „Создавањето на нов национален идентитет“, кој го заговара Захариева, сигурно не ќе може да заврши со некакво идентитетско митарење по кое Македонците со својата преслечена кожа ќе ја запретаат сопствената историја.

Поврзани содржини