МАКЕДОНСКИТЕ КОШАРКАРИ ЈА СОВЛАДАА ПОЛСКА ВО ЕВРОКВАЛИФИКАЦИИТЕ Сега се втори во групата

Полска на средина од првата четвртина имаше предност од 14-10, кога македонските кошаркари заиграа агресивно во одбраната, а ефикасно во нападот и со серија од 11-0 го презедоа водството.

451

Македонската машка кошаркарска репрезентација ја забележа првата победа во вториот натпревар од квалификациската група Х за пласман на Европското првенство 2025, откако вечерва триумфираше на гостински терен над Полска со 96-71 (25-16, 22-22, 22-12,27-21).

До премиерниот триумф во евроквалификациите македонската репрезентација на паркетот во Арената „Арцелор Митал Парк“ во Сосновиец ја предводеа Ненад Димитријевиќ со 32 поени и Итан Хап, кој натпреварот го заврши со 19 поени.






Полска на средина од првата четвртина имаше предност од 14-10, кога македонските кошаркари заиграа агресивно во одбраната, а ефикасно во нападот и со серија од 11-0 го презедоа водството кое во првиот дел достигна највисоки +13 (29-16).

Избраниците на селекторот Александар Јончевски продолжија во ист стил и во третата четвртина која ја решија во своја корист со 22-12 и во последниот период од натпреварот влегоа со предност од +19 поени (69-50).

Домаќинот ја отвори четвртата четвртина со серија од 7-0 и се приближи на 69-57, но Македонците возвратија со десет последователни поени и ги решија сите дилеми околу конечниот исход.

Селекторот Александар Јончевски не го криеше задоволството по крајот на средбата и победата им ја препиша на сите репрезентативци кои го испочитувале договореното.

– Можам да кажам дека ги почитувавме сите работи кои ги договориме на тренинг по тешкиот пораз од Естонија над Македонија. Знаевме дека играме против Полска која е тим со одлични играчи и одличен терен, го сфативме сериозно овој натпревар и можеби ризикувавме нешто како отворени обиди од Балчеровски, но тоа беше нашата стратегија и на крајот се покажа како добра. Морам да ги пофалам сите играчи без разлика дали играа една или 39 минути, сите ја заслужија оваа победа – рече Јончевски.

Во вториот вечерашен дуел во групата Х, Естонија ја совлада Литванија на домашен терен со 65-59.

Естонија води на табелата со 4 бодови, пред Македонија и Литванија со по 3, а Полска е последна без бодови во групата од која пласман на Евробаскетот 2025 ќе обезбедат двете првопласирани селекции.

Воведниот февруарски циклус во евроквалификациите избраниците на Јончевски го завршија со победа и пораз, откако во првото коло во петокот во Скопје беа поразени од Естонија со 69-74, а настапот во групата Х ќе го продолжат наесен кога претстојат дуелите против Литванија, на 21 ноември на домашен и на 24 ноември на гостински терен.

 

 

Поврзани содржини