МАКЕДОНСКИТЕ КАРДИОЛОЗИ ПОКАЖАА ВРВНА СТРУЧНОСТ Пациентите со срцеви аритмии повеќе нема да одат во странство
На Универзитетската клиника за кардиологија за првпат е извршена аблација за коморна тахикардија, сложена интервенција што ќе овозможи пациентите да се лекуваат дома, без потреба од упатување во странство и без дополнителен трошок за Фондот за здравствено осигурување.
Првата аблација за коморна тахикардија во државата е успешно извршена на Универзитетската клиника за кардиологија, со што македонското здравство бележи значаен чекор напред.
По тој повод, Клиниката денеска ја посетија министерот за здравство Азир Алиу и генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
Министерот Алиу на прес-конференција изјави дека медицинскиот тим од Кардиологија уште еднаш докажал дека во македонското здравство постојат знаење, храброст и визија за врвни резултати.
– Ова е голем чекор напред во здравството и доказ дека имаме кадар способен да изведува процедури од највисоко ниво – рече Алиу.
Директорката на Клиниката, Даница Петкоска Спирова, објасни дека изведувањето на оваа сложена интервенција претставува ново поглавје во развојот на електрофизиологијата во земјата.
– Со оваа процедура овозможуваме навремено и ефикасно лекување на пациентите со сите видови аритмии, за кои досега дел од нив беа упатувани на третман во странство на товар на ФЗО – истакна Петкоска Спирова.
Од Клиниката додаваат дека воведувањето на оваа интервенција значи големо олеснување и за пациентите и за здравствениот систем, бидејќи ја намалува потребата од скапи упати во странство и го подобрува пристапот до врвна здравствена грижа во Македонија.