МАКЕДОНСКИТЕ КАМИОНИ 2 ПАТИ ЌЕ СЕ МЕРАТ, ЕДНАШ ЌЕ ВОЗАТ Превозниците сакаат Балканот да не биде тесно грло

Превозниците велат дека од цела Европа најбавно сè поминува на Балканот бидејќи има многу граници на кои се чека за да се завршат сите процедури, па покрај брзата лента за камиони и едно мерење на граница ќе го забрзаат процесот.

1,589

Големо олеснување за превозниците е најавата дека од 1 февруари македонските и српските камиони еднаш ќе се мерат на граничните премини. Тие очекуваат оваа поволност да ја имаат и на граничните премини со Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина со што ќе се намали времето на чекање на границите, а ќе се зголеми и протокот на граничните премини.

– Ова е добра мерка и ја поздравуваме бидејќи го намалува периодот на чекање на граничните премини. Го намалува бројот на мерења на камионите, како и проблемите кои ги имавме со различното баждарење на кантарите кога превозниците мораа да вадат дозволи за што повторно беше потребно време и се чекаше на граничните премини – вели Билјана Муратовска од Макам-транс.






Превозниците велат дека од цела Европа Балканот е тесно грло за товарниот превоз, бидејќи има многу граници на кои се чека за да се завршат сите процедури, па покрај брзата лента за камиони и едното мерење на граница ќе го забрза процесот.

– Со ова олеснување за превоз на стока за Европска Унија возилата наместо да се мерат 4 пати ќе се мерат двапати. На македонската граница и во земјата на влез во Унијата – Унгарија или Хрватска, на српските премини нема да има мерење. И обратно, српските камиони ќе се мерат на српската граница и на границата на Грција. Ако речеме дека само за мерење на границите се потребни најмалку 15 минути, времето за ова се намалува од 1 час на половина час што не е малку со оглед дека се забрзува и целиот процес на минување на границите. На превозниците им е најтешко да се движат на Балканот бидејќи има голем број граници. За времето што го трошат на границите овде би поминале стотици километри во Европа – вели Муратовска.

Според неа, во овој систем треба да се вклучат и другите балкански земји за да им помогнат на нивните превозници да станат поконкурентни на пазарот.

– Очекуваме и Албанија да се приклучи на оваа практика како членка на Отворен Балкан, а тоа да го направат и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина за да им помогнат на сопствените превозници полесно да доаѓаат до европскиот пазар, како и до земјите од Западен Балкан. Можеби ќе се оживее и иницијативата на ЕУ од пред 14 години за поголеми олеснувања на транзитот на стоки на границите – вели Муратовска.

Според неа, ова правило не ги ослободува превозниците да бидат контролирани во земјите низ кои минуваат.

– Во Европска Унија нема вакви проблеми во транспортот, но затоа, пак, има контроли на превозниците и во внатрешноста на земјите. На пример Германија и Италија имаат подвижни ваги и вршат контроли каде што ќе оценат дека треба да го направат тоа. Тоа значи дека овој систем може да функционира и на Балканот – вели Муратовска.

Македонската и српската царинска управа деновиве потпишаа меморандум за меѓусебно признавање на белешките од мерењето на камионите таканаречени кантарски белешки со важност од 1 февруари.

Како што беше појаснето македонските камиони ќе се мерат само на македонските премини, а српските само на српските премини. Превозниците за тоа ќе добиваат потврди кои ќе важат во двете држави.

Поврзани содржини
na