Македонските фудбалски херои доцна синоќа беа пречекани на Блаце (ФОТО+ВИДЕО)
Капитенот на фудбалската репрезентација, Горан Пандев вели дека никогаш не верувал дека на 38 години ќе се пласира на Европско првенство.
Македонската фудбалска репрезентација која обезбеди историски пласман на Европското првенсто, во раните утрински часови на граничниот премин Блаце беше пречекана од премиерот Зоран Заев, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и многу други.
Капитенот на фудбалската репрезентација, Горан Пандев вели дека никогаш не верувал дека на 38 години ќе се пласира на Европско првенство.
– Јас би се надоврзал на селекторот, благодарност до сите што не пречекавте. Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина дечките го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП… добро што дојде овој коронавирусот, па ми ја продолжи кариерата уште малку. На цела Македонија ѝ се оствари сонот – изјави Пандев.
Селекторот Игор Ангеловски потенцира дека е благодарен за пречекот на домашно тло и најголема сатисфакција му е што овој успех успеал да го обедини македонскиот народ.
– Ви благодарам што не пречекавте на наша територија. Среќни сме што успеавме да го обединиме народот. Така ние живеевме во репрезентацијa пет години, ние сме едно големо семејство и така дојдовме до ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери, се надевам на уште поголеми спортски успеси – изјави Ангеловски.
По пристигнувањето на македонските репрезентативци, за овој голем историски успех на нашата земја пред нив и пред целата македонска јавност се обрати и премиерот Зоран Заев.
– Голема е радоста што вечерва ја преплави целата земја. Оваа радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои ги оставија срцата на теренот во Тбилиси и донесоа победа која македонската историја не ја памети до сега, со што Македонската фудбалска репрезентација ќе учествува на Европското фудбалско првенство. Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација.Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден. Јас и првиот вицепремиер Артан Груби сме овде да ја споделиме радоста и да ви укажеме чест и да ви соопштиме дека во името на Владата и на граѓаните, сите членови на фудбалската репрезентација ќе бидат наградени со по 10.000 евра. Ова е успех достоен за големо славење, но должен сум да апелирам и да замолам и вие да го направите истото и да апелирате и во овој момент да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19 кои забрануваат собири, изјави Заев.
По победата се славеше низ целата земја, а додека се чекаа фудбалерите да се вратат дома рано утрово, вчера пред куќата на Горан Пандев се случуваше вистинска навивачка атмосфера.
На социјалните мрежи се шират и видеа од атмосферата пред домот на капитенот каде се скандираше неговото име и презиме.
Македонскиот национален тим синоќа во баражот во Тбилиси ја совлада Грузија со 1:0 со голот на Горан Пандев