Македонскиот комплет на гревови

Не сме ние безгрешен народ, далеку сме од тоа, меѓутоа нашите гревови, или „гревови“, се локални, фолклорни, за внатрешна „употреба“, минливи односно, повторно – бенигни. Не дека тие „гревови“ немале реперкусии врз државата и народот, неспорно – да, а некои меѓу нив суштински негативно се рефлектираат врз сегашноста и иднината, но и минатото.

1,126

Ако веќе (безмалку целосно) се соочивме со источниот и јужниот сосед – или тие самите бесрамно се соголеа пред светот – преку двата катастрофални договори коишто повторно, по којзнае кој пат, ни открија дека нивните вековни апетити не останале во минатото, ако веќе (делумно) се соочивме и со еу (малите букви се… знаете веќе што!) после дваесетгодишното држење на Македонија во ќошот за непослушни деца, ред е да се соочиме и со – себеси. Конечно, нели.

Ајде и тоа да го направиме и да видиме што е тоа што кај сите нас е така анахроно, ригидно, националистичко, антиевропско…, па и лошо – за разлика од правовернине „прогресивци“! – а е и баш толку различно од однесувањето на сите други во оваа балканска приказна. И не само во неа туку и во европската, кадешто дивеат технофеудализмот (Варуфакис), неофашизмот и полуписмената бирократија. Па дури тогаш, после едно такво соочување, да побараме, ако треба, и помош во вид на некаква колективна терапија, што и да значи тоа односно таа (несреќна) формулација. Зашто вака, очигледно е, само се продлабочува јазот не само на екстерен план (со соседите и со еу) туку и внатре во земјата, оној (навидум) непремостлив амбис помеѓу „патриоти“ и „предавници“, „прогресивни“ и „конзервативни“, „националисти“ и „европејци“… и слични будалаштини.






Иако, да бидам искрен, не го сметам за будалаштина различното мислење апропо правците – или „правците“, како сакате – на нашата евроинтеграција, па дури и оние „епитети“, иако се само одраз на некаков локален политички фолклор. Меѓутоа, длабочините односно широчините на овие (веќе сериозни) внатрешни конфликти покажуваат дека некаква терапија е неопходна. Колективна не е, сигурно, такви нешта не постојат. Дури и за мултикратно повеќе грешни народи од нас. А впрочем, и не знам која и каква би била таа потребна терапија? Попрво би требало оној Филипче да знае, иако прво би морал да ја ефектуира во својата секта и блиската околина. Меѓутоа, и тој да знаеше, после онаков изборен пораз белки, ќе ја применеше „дома“ наместо да ги говори сите оние глупости во јавноста, нели?

Или, има ли соодветни примери на коишто би требале да се угледаме, некои народи кои биле тооолку грешни што добиле таква некаква колективна терапија (или „терапија“)? Извинете, но ниту такво нешто не постои: нема, ниту имало, грешни (во смислата на цивилизацискиот грев!) цели народи. Доволен е само еден припадник на тој народ – а секогаш ги има многу, многу повеќе – кој демонстрирал несогласување со политиките на државата, па тезата да падне во вода! Попрво можеме да говориме за грешни елити, за лоши и заводливи политики, грешни водачи на народот… кон кои мнозинството се приклонува. Заради разни причини, но често и заради неинформираност или недоволна информираност за реалните случувања во земјата. И нашиот случај во тој поглед не е ништо поразличен од сите други. Иако во многу, многу побенигнен обем!

Па во тој контекст би можел, баш овде, да наведам една дузина поинакви (па и малигни!) европски историски примери. Но тоа не би било докрај фер бидејќи секогаш морате прво да тргнете од себеси. Што ќе рече: кои се, какви се нашите (колективни) гревови во изминативе три децении коишто би иницирале размисли за некаква колективна терапија? Кому, во регионот, или во Европа, сме му згрешиле толку многу, кому нешто сме попречиле или некого сме навредиле, и со што, кому сме посакале лоша судбина, кого сме проколнале…? Многу би сакал да видам и слушнам таков јунак – политичар или историчар – кој би одговорил на овие прашања. И кој би можел нашите „гревови“ – ако ги има – да ги соочи со гревовите на некои соседи, и пошироко!

Или, ако тие гревови ги нема во последниве три децении, нека копаат подлабоко во времето, нека одат до онаа 1941 година, или подалеку. Но – до каде? До каде сакаат, повторно нема ништо да најдат или барем нема да најдат таков колективен грев што заслужил вакво малтретирање и одмазда од страна на некои соседи и меѓународната заедница.

Освен, се разбира, ако за таков „грев“ не се смета името на територијата и името на народот кој ја населувал истата низ вековите, ако за таков „грев“ не се смета отпорот против бугарската, германската и италијанската окупаторска власт во Втората светска војна, или ако за таков „грев“ не се смета формирањето на Демократска Федеративна Република Македонија во рамките на Југославија, или пак формирањето на Република Македонија по распадот на таа Југославија?

Но, не сме ние безгрешен народ, далеку сме од тоа, меѓутоа нашите гревови, или „гревови“, се локални, фолклорни, за внатрешна „употреба“, минливи односно, повторно – бенигни. Не дека тие „гревови“ немале реперкусии врз државата и народот, неспорно – да, а некои меѓу нив суштински негативно се рефлектираат врз сегашноста и иднината, но и минатото. Примерот со изминатите седум години и онаа и онаква тотално неспособна, криминално-коруптивна и крајно неука власт е еден од нив. Заради што и овој нивен најнов циркус со барање некаква затворена седница за некаква „заедничка државна егзит стратегија“ е ноторно глупирање и безобразие!

Такви и слични примери на ординарно непочитување на државата и граѓаните, во различни размери, можеме да следиме – дури и поименично (Георгиевски, Тупурковски, Бучковски, Груевски, Заев, Ковачевски…) – сѐ до 1992 година. Но тие, повторно, се локални „гревови“ и циркузанти, без или со незначителен радиус на влијание на регионален или меѓународен план. Некои од нив („милијардата“ од Тајван) произведоа страотни ломови во државата со далекусежни реперкусии, но повторно – по нас. Она пак повампирување на антиквизацијата значително влијаееше врз односите со јужниот сосед, но никако не беше пресудно за нивниот однос кон Македонија!

Оттука, во тој „комплет на гревови“, најголеми се дивеењето на криминалот и корупцијата, несособноста и неукоста на политичките и интелектуалните „елити“, неморалот и некултурата на водечките луѓе во државата… итн. Но сето тоа во локални, внатрешни рамки и без којзнае какви влијанија пошироко или предизвикување светска, европска или регионална хаварија, слична на некои други примери токму од Европа. Сето тоа, сепак, доведе до оваа Македонија денес – земја на самиот светски и европски врв по негативни состојби во безмалку сите државни и општествени сфери! Но тоа, повторно, не се гревови што ги тангираат другите или им нанесуваат историски, културни и други неправди или ги нарушуваат нивните цивилизациски права.

Или, ако баш сакате, како би ги споредиле нашите „гревови“ со некои од актуелните европски: сѐ уште живиот колонијалистички дух пресликан низ конечното (после долгогодишен силен меѓународен притисок и 13 рунди преговори) враќањето на островите Чагос (последна африканска колонија на „демократската“ Велика Британија) на Маурициус, но и жестоката француска експлоатација во нејзините (сѐ уште) африкански колонии (на што укажа и премиерката Мелони!); на дивјачкото истребување на жителите во Палестина, на германското „разбирање“ на демократијата со забрани за влез и говор на видни интелектуалци итн. Или, можеби, најдобрата илустрација на и понатаму страотно арогантниот и не докрај цивилизран европски менталитет е првата изјава на штотуку поставениот нов НАТО генерален секретар Руте дека правото на Киев на самоодбрана „не завршува на границата“!?

П.С.

И уште еден македонски куриозитет: еден од годинашниве добитници на највисоката државна награда „11 Октомври“ вели дека сме биле „друштво со пречки во развојот“. И сме, апсолутно, кога такви поединци добиваат највисоки државни награди! А тоа нѐ воведува во еден од најголемите гревови на оваа држава – уништувањето на културата. Но тоа е широка тема за некоја следна прилика!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини