Македонскиот и официјалните јазици во ЕУ

Броењето на официјалните јазици во Унијата засега завршува на бројката 24, која никој воопшто не ја оспорува. Бугарскиот е еден од тие официјални јазици, но не и македонскиот. „Целосно го почитуваме вашиот јазик, македонски јазик“, рече лани во Скопје претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи притоа дека се надева оти нема да помине многу време кога македонскиот јазик ќе биде 25-тиот официјален јазик во ЕУ.

891

Европската унија, според претседателот на македонското Собрание, Јован Митрески, има 26 официјални јазици. Тоа, со малку добра волја, секако дека би можеле да го прифатиме како најобичен лапсус на спикерот на Парламентот, бидејќи ЕУ нема 26, туку 24 официјални јазици.

Но тоа што Митрески едновремено тврди дека и македонскиот е еден од официјалните јазици на ЕУ, тешко дека остава простор некому само така да му се прогледа низ прсти, особено ако станува збор за носител на една од највисоките државни функции.






Броењето на официјалните јазици во Унијата засега завршува на бројката 24, која никој воопшто не ја оспорува. Бугарскиот е еден од тие официјални јазици, но не и македонскиот. „Целосно го почитуваме вашиот јазик, македонски јазик“, рече лани во Скопје претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи притоа дека се надева оти нема да помине многу време кога македонскиот јазик ќе биде 25-тиот официјален јазик во ЕУ.

Потоа, чувствувајќиу веројатно потреба да понуди уште поохрабрувачка порака, Дер Лајен рече дека договорот со Фронтекс „ќе го потпишеме на македонски јазик, преведен без фусноти, без ѕвездички на еднакво рамниште со сите 24 јазици на ЕУ“. Се разбира дека ова инсистирање на Дер Лајен прозвучи чудно. На кој друг јазик би можел да биде преведен и потпишан договорот со Фронтекс во земја кандидатка за членство во ЕУ, во која одамна меѓународно признаен официјален јазик е токму македонскиот. Дали ЕУ го релативизираше тој факт, покажувајќи делумно “разбирање“ за бугарските негаторски тези околу историјата и самостојноста на македонскиот јазик?

Се чини дека со „одбраната“ на македонскиот јазик од страна на Урсула фон дер Лајен, која беше поздравени со овации, зачестија и верглања со споменатата фраза во дебатата околу македонските предпристапни преговори за членство – „на исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ“, и дека никој не требало да шири хистерија дека македонскиот јазик ќе биде загрозен.

Бројката на официјални јазици во ЕУ постојано се зголемуваше по приемот на нови земји-членки. Основен белег на ЕУ е нејзината културна и јазична разновидност, така што јазиците кои се зборуваат во Унијата се важен дел од европското културно наследство. Токму затоа ЕУ ја поддржува повеќејазичноста во своите програми и во работењето на ЕУ-институциите. Основната цел на јазичната политика на ЕУ е да се комуницира со граѓаните во земјите-членки на нивните јазици. Сите ЕУ-граѓани имаат право да го користат кој било од 24-те официјални ЕУ-јазици при контактот со ЕУ-институциите, кои се должни да одговорат на истиот јазик.

Употребата на сите официјални јазици на ЕУ, без никакви исклучоци, е целосно гарантирана и во Европскиот парламент. На кој јазик тогаш би зборувале македонските европратеници еден ден кога Македонија ќе стане ЕУ-членка, ако не на македонски? Македонија е официјално двојазична земја, но веројатно не би требало да постои дилема кој јазик Македонија со своето полноправно членство би го внела меѓу официјалните ЕУ-јазици, или, попрецизно речено, меѓу официјалните државни јазици. Се разбира, тоа е мнозинскиот македонски јазик. Албанскиот, за кој упорно се прават усилби да му се обезбеди статус „на исто рамниште“ со македонскиот, сосема јасно ќе остане „резервиран“ за Албанија, кога таа земја ќе се зачлени во ЕУ. На каков начин воопшто, гледано во долгорочна перспектива, овие околности ќе можат да бидат измените поради твродокрните негаторски ставови на Бугарија?

Според официјалните документи на ЕУ, освен официјалните, во Европа се зборуваат уште 60 регионални или малцински јазици. Но бројката на малцински јазици се разликува во голем обем меѓу разни земји и образовни системи, според податоците презентирани во извештајот на ЕУ-мрежата Еуридике, “The Teaching of Regional or Minority Languages in Schools in Europe”.

Разликите делумно зависат од политичките заложби и посветеноста на оваа важна проблематика во различни земји, кога станува збор за заштитата и унапредувањето на јазиците. Делумно зависат и од тоа како изгледа лингвистичкиот пејсаж во секоја земја. На пример, Луксембург има три национални јазици – француски, германски и луксембуршки – но не и регионални или малцински јазици.

Во Франција, Италија, Унгарија и Романија се споменуваат повеќе од десет јазици во официјалните документи, а во Полска и Србија дури петнаесет. Во Шведска, Хрватска, Литванија, Северна Македонија, Словачка и Шпанија има меѓу пет и десет регионални или јазици на малцинствата, според споменатиот извештај.

Во мнозинството европски земји министерставата за образование и најзаначните образовни институции реферираат кои јазици се застапени во образовниот систем, во основното и средното образование, како и на повисоко ниво. Такви референцијални податоци изостануваат од некои земји, и не се видливи во извештајот на Еуридике, како, на пример, од Бугарија и Грција.

Тука е и противречноста која во Брисел се поттура во сенката под некој тепих. Еден од основните Критериуми од Копенхаген, врз чие исполнување се темели пристапниот процес за зачленување во ЕУ, е заштитата и почитувањето на правата на малцинствата. Сите земји членки поминела низ „лупата“ на копенхашките критериуми, па и Бугарија и Грција. Но бугарскиот устав не го „препознава“ постоењето ниту на македонско малцинство, ниту, пак, на македонскиот јазик како малцински јазик во Бугарија. Потпора за тоа Софија секако наоѓа и во праксата на ЕУ да им дозволува на земјите-членки сами да ги дефинираат своите малцинства. Со тоа веднаш станува јасно дали тоа практично ги зголемува ризиците за дискриминација, шиканирање и шовинизам.

Дер Лајен можеме да ја доживувавме во функција на „одбрана“ на статусот на македонскиот јазик. Но македонскиот јазик се уште не е официјален јазик на ЕУ. Во секој случај, се додека трае долгиот процес на македонските преговори за членство, кои, да се надеваме, наскоро би можеле да започнат, нема причина да се сомневаме кој јазик ќе се користи во македонскиот преговарачки процес за превод на легислативата и другите документи. Тоа секако ќе биде македонскиот, како единствен државен јазик за употреба во меѓународните односи.

Да, македонскиот, на исто рамниште, ако веќе некој така милува да каже, со останатите 24 официјални јазици во ЕУ.

Поврзани содржини