Македонскиот арогантен „танц“ со коронакризата

Мислам дека Заев гори од желба него и Венко Филипче јавноста да ги препознае како мајстори на „танцот“ со коронавирусот, како нашите Фред Астер и Џинџер Роџерс. Верувам дека сите посакуваме навистина да е така. Но, не е. За да биде, навистина треба да се смени стратегијата. Јас сѐ уште не ја губам надежта дека многу брзо политичарот Венко Филипче ќе му даде предност на докторот Венко Филипче.

16,955

Не ми пречи тоа што и министерот за здравство Венко Филипче и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој вечерва на телевизијата Канал 5 ја објаснуваше стратегијата на македонските здравствени власти во борбата против коронавирусот (избор меѓу „удар со чекан“ и „танцување“) веруваат дека во овој момент тие двајцата максимално успешно „танцуваат“, односно успешно ја менаџираат коронакризата и дека сите ние треба да се гордееме со тоа.

Ја следев денешната прес-конференција на Филипче (2 април) и забележав сѐ поостри и подиректни прашања на новинарите и сѐ понепрецизни одговори. Очигледно е дека новинарите, па дури и мнозинството од нив коишто му се наклонети на министерот (јас исто така се есапам во тоа мнозинство), веќе не се толку импресионирани. Пренесувајќи ги искуствата на своите читатели и гледачи, како и непријатните прашања кои сѐ почесто се поставуваат и на социјалните мрежи, новинарите го прашуваа Филипче зошто доцнат молекуларните тестови, дали алгоритмот не е престрог, зошто некои болници не примаат болни со развиена клиничка слика на болеста и без позитивни тестови, зошто не се бројат и некои регистрирани позитивни случаи (информација на колегата Тевчев од Велес), зошто лабораторијата на болницата „8 Септември“ не е подготвена, зошто нема помасовно тестирање и слично.






Во одговорите, Филипче пословично воздржан, но и сѐ почесто без свежи информации и без нови флоскули за да се избегнат непријатните прашања. Во „танцот“ се забележуваат незгодни промени во ритмот, дури и погрешни чекори, што ја прави сликата помалку л’скава од онаа што ја гледа Заев. И неизбежната дилема – дали ја гледаме истата слика? Очигледно не.

Рестриктивниот пристап кон тестирањето скапо ќе нѐ чини!

Не е точно тврдењето на Заев дека Македонија го избрала „најрационалниот модел на тестирање“. Уредникот на Канал 5, Михајловски, му постави на поранешниот премиер едноставно прашање: зошто една Малта, држава со помалку од половина милион жители, од почетокот на коронакризата до сега има извршено 20.000 тестирања, а Македонија, земја со 2 милиона жители – само околу 4.000. Заев немаше уверлив одговор на прашањето. Филипче, на денешниот прес, изјави дека со оваа цифра ние сме најдобри во регионот, не сметајќи ја Словенија. Можеби тоа и да е точно (не знам дали министерот ги есапи брзите тестови, кои не ги признава како релевантен показател за штогоде), но земјите во регионот забрзано ги менуваат стратегиите и наскоро таа статистика сигурно ќе се смени – на наша штета.

Како и да е, кризата е глобална и не признава локални репери. Во споредба со многу други земји, кои покажуваат добри резултати во справувањето со кризата и низок степен на смртност на заболените (Јужна Кореја, Јапонија, Германија), земји кои денес се сметаат за навистина успешни во „танцувањето“ со коронакризата, Македонија е пример на рестриктивен пристап кон тестирањето и на конзервативно разбирање на препораката на Светската здравствена организација – тестирај, тестирај, тестирај! И тоа ќе нѐ чини скапо!

Како „танцуваат“ најуспешните?

Повторувам уште еднаш, нашиот пристап кон тестирањето е рестриктивен, таков е и алгоритмот, а нашиот однос кон иницијативите за масовно тестирање и за користење различни видови тестови, е неспорно однос на една беспримерна ароганција. Не обвинувам никого посебно за тоа (посебно не министерот Филипче, за кого искрено мислам дека е ставен во ситуација да усогласува различни интереси и суети, наместо да дејствува водејќи се од своите инсинкти на надарен лекар), но предупредувам дека може да се случи еден ден, ако работите тргнат на лошо, многу сериозно да се постави прашањето на одговорноста – генерално, но и во одделни конкретни случаи. Зашто, на луѓето мора да им биде овозможено да преземат сѐ што е можно да се спречи заразата, да се заштити здравјето, да се спречи најлошото. Ние веќе имаме неколку сомнителни случаи на починати, во кои семејствата имаат полно право да ја тужат државата и да бараат соодветна отштета.

Јас не сум епидемиолог, но тоа не е ни Филипче, а уште помалку Заев. Кога сте соочени да се справувате со нешто непознато, природно е да се советувате со стручњаци, во случајов со врвни епидемиолози и молекуларни биолози. Јасно ми е дека Филипче се советува со група македонски експерти од оваа област, но има тука две нешта што мора да се кажат: од една страна, јавноста треба да знае дека Македонија има угледни експерти кои отворено не се согласуваат со сегашната стратегија и кои инсистираат на масовен скрининг, укажувајќи и на добрите страни и на ограничувањата, како на молекуларните, така и на брзите тестови; од друга страна, сиот ум сепак не е собран во Македонија и јавноста има право да знае како на оваа дилема гледаат светски експерти, но и тоа како „танцуваат“ најуспешните. Оти, ковид-19 е нешто ново и непознато за сите и затоа и најголемите светски умови денеска грозничаво разменуваат информации и искуства. Само кај нас една група луѓе мислат дека за нив нема тајни и дека тие го имаат „најрационалното решение“ во рацете.

Простете, но тоа е ароганција што се граничи со безумие!

Ароганцијата не помага, вирусот не ја разбира

Пред некој ден пренесов едно долго интервју и неколку изјави на европскиот и светски авторитет во молекуларната билогија, Хрватот Иван Ѓикиќ, човек кој раководи со Институтот Гете во Франкфурт, каде што деновиве се вршат базични научни истражувања на природата на ковид-19. Професорот Ѓикиќ го нагласува примерот на Јужна Кореја како земја апсолутен шампион во менаџирањето на коронакризата. И тој потврдува дека успехот се должи токму на масовните тестирања и скрининзи, на ефикасното следење на заразените и на дисциплинираното социјално дистанцирање. Германија, земја која има голем број заразени, но низок степен на морталитет, земја која исто така врши масовни тестирања, сега ја менува својата стратегија и ќе го следи примерот на Јужна Кореја.

Поради некои чудни, за мене неразбирливи причини, меѓу македонските епидемиолози очигледно преовладува расположението за рестриктивно тестирање, а министерот Венко Филипче се приклонува кон тој став и иако институционално се „поркива“, со тоа сепак презема висока лична одговорност за исходот на овој „танц“. Бидејќи, повеќе или помалку сите знаеме дека не сме ние никакви шампиони во „танцување“, дека обично „танцуваме“ со две леви нозе и „блескаме“ само во перцепцијата на пропагандистите – а работава, сепак, е пресериозна за ваков арогантен пристап! – побарав некој од Македонија да му се јави на професорот Ѓикиќ, да му ја објасни стратегијата што сега се спроведува кај нас (ама искрено) и од него да побара мислење и совет. Мислам дека е најпаметно тоа да го стори лично Филипче.

Најголем впечаток од тоа интервју со професорот Ѓикиќ мене ми остави една негова мисла, за ароганцијата со која политичарите во некои земји се обидуваа да се справат со кризата (Велика Британија, на пример). „Аргоганцијата – вели овој врвен научник – тука ништо не ви помага. Вирусот е мал. Тој е прост организам. Тој не може да ве разбере. Тој има природна потреба да се шири и ќе го прави тоа наспроти вашата ароганција“. Лекарот Венко Филипче, за кого сите имаат добро мислење и министерот Венко Филипче, во чија посветеност на менаџирање на кризата никој не се сомнева, мора многу сериозно да се замислат над овие зборови на големиот научник.

Нерационални обвинувања го загрозуваат јавното здравје

Отпорот кон масовното тестирање и кон брзите тестови, како и неодговорното доведување на овие тестови во врска со недокажани обвинувања за наводно „профитерство“ од коронакризата, е целосно ирационален и води кон загрозување на јавното здравје. Брзите тестови се користат во многу земји за омасовување на тестирањето, при што се користат комбинирано со молекуларните тестови, за да се постигне максимален ефект. И менаџментот на „Аџибадем Систина“ и угледни медицински авторитети (епидемиологот д-р Даниловски, на пример, кој бара државата веднаш да набави 400.000 такви тестови, или д-р Владо Димов и други врвни лекари, чии имиња нема да ги спомнам, но се консултирани) јасно укажуваат на бенефитот од овие тестови и од масовниот скрининг. Фактот дека државата до овој момент сѐ уште одбива да ги користи капацитетите на лабораторијата на „Аџибадем Систина“, во која се вршат молекуларни тестови (а прави „засилени напори“ да ја оспособи лабораторијата на „8 Септември“ која никогаш не правела такви тестови), исто така зборува за една недозволива нерационалност, во време кога сите капацитети треба да бидат во погон.

Добро, еве, макар хипотетички, да се согласиме дека претприемчивиот Камчев решил да „профитира“ од кризата. Да се согласиме со ова монструозно обвинување, наспроти неговите донации за што поуспешен „танц“. Значи, ако е така, му предлагам на министерот Филипче да се договори со Камчев јавното здравство да ги искористи брзите тестови и неговата молекуларна лабораторија. Ако со Камчев не може да се постигне договор, што е надвор од секаква помисла – но ајде, сѐ уште размислуваме хипотетички, со одлука на владата неговите капацитети нека се конфискуваат! Уште утре изутрина! Ако Камчев „профитира“, ете, нека „профитира“ државата! Се разбира, сите знаеме дека тоа не е проблемот и дека во друга грмушка лежи зајакот.

Па добро бре луѓе, зарем и во ова време-невреме ќе се занимаваме со такви глупости?! Има ли некој што може да ја види големата слика? Има време да се карате, да ги биете своите битки, ќе помина кризата и после вадете ги анџарите. Па зарем сега е време за тоа?

Тестирај,  Венко,тестирај, тестирај!

Во Македонија, според последните објавени бројки, се регистрирани 384 случаи и 11 починати. Ако сме некаде околу светскиот просек според бројот на починати (околу 2 отсто), тоа значи дека во Македонија реално има околу 550 заболени во овој момент. Тоа, пак, значи дека еден „батаљон“ од близу 170 заболени не се регистрирани и не се прикажуваат во официјалната статистика. За мене, тоа е многу обеспокојувачко сознание, бидејќи луѓето кои не се регистрирани и не се под контрола, се потенцијални опасни пренесувачи на вирусот – некои од нив знаат дека се болни и се придржуваат кон правилата (јас знам за еден таков случај), други можеби знаат или се сомневаат и се однесуваат недисциплинирано, а трети веројатно и воопшто не знаат, бидејќи е сосема можно болеста да ја прележале „од нога“, како обична настинка, што не значи дека не го шират вирусот.

Тестирај, тестирај, тестирај! Така вели Светската здравствена организација. Податоците за опфатот на масовното тестирање во некои земји што ги анализирав се совпаѓаат со мислењата на експерти со кои се консултирам и лично – за да го фатиме светскиот тренд, Македонија треба да реализира 1.000 тестирања дневно! Тоа, заедно со постоечките мерки на социјално дистанцирање, кои треба и да се заострат, би можело да доведе до успешно менаџирање на коронакризата.

Мене ми е јасно зошто отпорот кон масовното тестирање добива и политичка поддршка од власта. Масовното тестирање ќе открие многу повеќе заболени. А во целава наша приказна, колку и да е таа опасна и тажна, има и многу политички пи-ар. Власта сака да се покаже успешна во „танцувањето“ со коронакризата. Мислам дека Заев гори од желба него и Венко Филипче јавноста да ги препознае како мајстори на „танцот“ со коронавирусот, како нашите Фред Астер и Џинџер Роџерс. Верувам дека сите посакуваме навистина да е така, навистина да бидеме шампиони и да блескаме. Но, не е така, а за да биде, навистина треба да се смени стратегијата.

Јас сѐ уште не ја губам надежта дека многу брзо политичарот Венко Филипче ќе му даде предност на докторот Венко Филипче. Добрите лекари се луѓе со отворени умови, луѓе кои ги следат светските искуства и се водат од своите инстинкти и пориви, а не од логиката на политичарите, на кои не им е толку важно како е, туку како изгледа. Го пишувам овој коментар токму сега, водејќи се од сопствениот журналистички инстинкт, кој ми вели дека ова е пресвртниот момент на коронакризата. Ова е моментот кога од одлуките на најодговорните зависи дали ќе успееме да ја исправиме кривата, или утре ќе исправаме криви дрини за тоа кој бил виновникот што не сме блескале кога било најважно.

Не се мисли, доктор Венко! Не се думај! Тестирај, тестирај, тестирај!

Поврзани содржини