Македонски Телеком ќе исплати 21,6 милиони евра дивиденда, државата ќе добие 7,5 милиони евра
Лани Македонски Телеком оствари вкупна добивка од 27 милиони евра од која освен за дивиденда, според одлуката на акционерите дел ќе се инвестира.
Македонски Тепеком ќе исплати дивиденда на своите акционери во вкупен износ од 21,6 милиони евра.
Според одлуката на Собранието на акционери донесена вчера а која е објавена на Македонска берза, за секоја акција ќе се исплати бруто износ од 15,4 денари од кои ќе бидат исплатени и сите даноци.
Исплатата на дивидендата ќе се изврши до 30 септември 2020 година.
Лани Македонски Телеком оствари вкупна добивка од 27 милиони евра од која освен за дивиденда, според одлуката на акционерите дел ќе се инвестира.
Најголем акционер во компанијата е Дојче Телеком, кој поседува 51 отсто од акциите преку локалната компанија „Каменимост АД“. Македонската влада има удел од 34,8 отсто во капиталот на „Македонски телеком“. Дивиденда ќе добијат и малцинските акционери, кои во најголем дел се вработени и пензионери од телекомуникациската компанија, а кои поседуваат 2,54 отсто од капиталот. Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ поседува 1,64 отсто од акциите, а „Македонски телеком“ поседува и 10 отсто од сопствените акции.
Владата, според тоа, годинава ќе добие 7,5 милиони евра бруто дивиденда од Македонски Телеком, без уплатени даноци.
Во последниве години, поради намалените приходи кои раководството ги објасни со острата конкуренција и ценовната војна, драстично опадна профитот на Телекомот, а со тоа и износот на дивидендата која од 44,1 милион евра во 2013 година кога владата инкасира 12 милиони евра од дивидендата, стигна до 21,5 милиони евра за 2019 година.