Македонски клуб во Благоевград
Неспорно е дека Македонците во Бугарија се нејзини лојални граѓани, коишто сакаат да бидат мост и симбол на соработката и пријателството меѓу двата народа и двете држави, и сакаат да се легитимираат дека постојат. Бараат основни права коишто се универзални во целиот свет, Софија со децении ги игнорира, а Македонија – молчи.
Во моментите на жестоката бугарска агресија против Македонија, којашто доживеа свој своевиден врв со провокацијата во Битола, каде беше отворен клуб со фашистички предзнак, се појави идејата дека е време и Македонците во Бугарија да имаат свој културен центар. Двете иницијативи не можат да се споредуваат, иако со таква, невидена глупост, се појавуваат министерот за надворешни работи, Османи, и други „политичари“ од врвот, коишто тврдат дека клубовите, и кај нас, и овој, имаат провокативен карактер. Министерот заборава дека зад бугарските клубови отворено стои Софија и дека, со неговата изјава, ги повредува тамошните политичари и, според неговиот речник: токму тој го доведува во прашање нашето членство во ЕУ! Неспорно е дека имињата на бугарските клубови во Македонија се директна навреда за македонскиот народ и државата, додека овој во Благоевград е така замислен што никој не може да го оспори или доведе во прашање. Самото име – „Никола Вапцаров“ – ги обединува двата народа. Тој е врвен поет, Македонец, којшто пишувал на бугарски.
Неспорно е дека Македонците во Бугарија се нејзини лојални граѓани, коишто сакаат да бидат мост и симбол на соработката и пријателството меѓу двата народа и двете држави, и сакаат да се легитимираат дека постојат. Бараат основни права коишто се универзални во целиот свет, Софија со децении ги игнорира, а Македонија – молчи. Не треба да има дилеми дека, од едната страна, зад сето тоа стои бугарската држава, додека експонирањето на некој богат човек, како финансиер, е приказна за мали деца. Впрочем, целиот бугарскиот политички врв дојде на отворањето во Битола, што појаснува сè а, во меѓувреме, бугарската држава отворено стои зад клубовите, и во Битола, и во Охрид. Како се однесува македонската Влада, добро ви е познато.
Така, нашиот генијален потпретседател на Владата, чинам дека се вика Маричиќ, на прашање зошто не оди во Благоевград, рекол дека тие, демек од власта, не одат на приватни забави. Веројатно, толкав му е капацитетот. Инаку би му било јасно дека, барем јавно, и клубот во Битола не е државен проект, туку – приватна работа. Арно ама, бугарскиве политичари да ти биле забегани, па да ти оделе на – приватни забави! Во споредба со Маричиќ, кому сè да ти му било јасно, иако ништо не разбира. Затоа тој игнорира такви нешта. Сепак, да не го потценуваме човекот – свесен е за сè ама, како раштиман апаратчик, тој е вака навиен.
Во неделата беше навистина прекрасно да се биде во Благоевград. И покрај сите притисоци, прогони и малтретирања, на коишто со децении се изложени Македонците во Бугарија, тие сепак се осмелија да отворат свое културно катче. Беше мобилизиран масовен број на полицајци коишто, божем, го обезбедуваа настанот ама, пред сè, одлично ги штитеа бугарските интереси. Факт е дека не сакаа никаков поголем инцидент, за да не се резили државата во светот, ама имаа и прецизна директива настанот максимално да се минимизира и оневозможи. Пред да се соберат Македонците и да дојдат гостите, пред клубот да ти бил фашистот Џамбаски, којшто како таков се легитимираше во Стразбур, со дигање на левата рака, како и сите горди хитлеровци. Со неговата банда на истомисленици, искинале уште една буква од името на клубот и го бербателе просторот со разна иконографија. Потоа, фашистичката орда ја дислоцирале кај споменикот на Гоце Делчев. Полицијата не дозволи да положиме цвеќе кај споменикот, иако тоа беше побарано од организаторите. Демек, за да не дојде до контакт меѓу двете групи. Причините беа сосем поинакви. Ни покажаа дека – Делчев е нивни!
Во меѓувреме, полицијата штитеше еден суртук којшто со голем звучник пушташе многу гласна музика за да го попречи отворањето на клубот. Неколку пати, лично ги опоменав да го спречат тоа, ама без успех. Заради тоа, отворањето на клубот мораше да биде во самата просторија, и со мал дел од присутните.
Ние можеме да го критикуваме сето тоа, ама мораме да бидеме свесни и да согледуваме дека бугарската држава има јасна стратегија што сака во однос на Македонците, и како тоа да го постигне. Ако некој од младите генерации, спомне дека е Македонец, веднаш ја губи работата. Службите следат сè и масовно ги асимилираат. Кога, пак, во Софија ги анализираат потезите на нашава Влада, и во однос на Македонците таму, и на нивните севкупни фантазмагории, мора гласно да се смеат. Јасно им е дека си имаат работа со аматери, тотално неписмени за политика и дипломатија.
Отворањето на клубот во Благоевград, мнозина го нарекоа како историски исчекор. По многу што, точно е така. Прво, тоа беше јавна манифестација на Македонците во Бугарија. По отворањето на клубот, иако со јако полициско обезбедување, тие шетаа низ градот, што не се случило никогаш порано. Второ, и најважно, бројни бугарски и македонски медиуми беа на самото место и регистрираа што се случува. Светот разбра многу работи, без оглед како информираше бугарската страна. Трето, настанот беше силна шлаканица и за двете влади. Бугарската ќе биде изложена на додатни анализи на Брисел, и на европските и други центри, дека не признава малцинство коешто, ете – постои. Нејзината неприфатлива политика кон Македонија доби додатна димензија, неповолна за Софија. Македонската влада, пак, се најде во небрано бидејќи официјално се откажа од дел од својот народ којшто, сепак – постои. Четврто, во Македонија максимално порасна чувството против крајно погрешните досегашните политики кон Бугарија и тамошните Македонци. Сега е масовно убедувањето дека не може да се продолжи на ист начин. Тоа е сериозна порака за власта, којашто обврзува. Петто, настанот покажа дека мора да се продолжи со отворање на вакви клубови и во други градови во Бугарија, како во Гоце Делчев, Петрич, Сандански … Ова е сигнал дека истата постапка треба да се спроведува и во Егејскиот дел. Примерот е тука и треба само да се следи. Дијаспора е спремна да помогне, додека од сегашната македонска власт не треба да се очекува никаква поддршка.
Во конкретниов случај, мора да се истакне финансиската поддршка на нашите од Канада, Глигор Цанев и Минчо Остас, коишто го овозможија отворањето на клубот. Од извонредно значење е што тие се спремни да продолжат со својата ангажираност на овој план.
Самата најава на премиерот, дадена уште во април, а сега само повторена, дека Македонија ќе отвори свој културен и информативен центар во Благоевград, е чиста бесмислица. Барем во сегашниве околности. Ако државата тоа го направеше пред повеќе години, тоа ќе имаше некаков ефект. Сега е – непотребен. Поентата е Македонците да отвораат свои клубови во Бугарија, а не нашата влада. Клубовите не ги отвора нивната влада туку Бугарите во земјава, коишто се речиси цела ракатка. А државата, стои зад нив. Дали директно, или преку посредник, воопшто не е важно. Тоа е нивна политика и поука за „нашиве“ како да постапуваат. Дали ќе разберат, е друга работа.
Македонската влада може да отвора свои информативни центри каде што сака, во согласност со соодветната држава, ама тоа е друга категорија. Тоа нема директна врска со Македонците во Бугарија. Впрочем, тешко е да се верува дека премиерот ќе го одржи своето ветување а не е голема и веројатноста дека Софија ќе даде согласност.
Реакциите на МНР Османи, се чиста мизерија и срам за Македонија. Не е спорно дека ова што се случи во Благоевград е спротивно на големоалбанските аспирации на некои политичари и, затоа, неговата реакција не зачудува. На потег е премиерот – ако не го разреши министерот, значи дека се согласува со таа политика, којашто е дијаметрално спротивна на интересите на македонскиот народ.