МАКЕДОНСКИ ХАКЕРИ ГО „ИЗБИРААТ“ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА САД, ПА НЕМАЛО ВЕНЕЦУЕЛА ДА ЈА СРЕДАТ Легендата оживеа во Каракас
Главниот обвинител на Венецуела обвини „хакери од Северна Македонија“ за сајбер напад врз системот за пренос на податоци на изборите во оваа земја, во корист на опозицијата, а против досегашниот претседател Мадуро. Има ли вистина во оваа приказна?
Македонските хакери повторно се светска сензација, откако главниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, во понеделникот во Каракас објави дека е почната истрага за наводната вмешаност на опозициската лидерка Марија Корина Мачадо во хакирањето на системот за пренос на податоци на Националниот изборен совет од Северна Македонија, за време на изборите во неделата.
Отворањето на истрагата, доаѓа речиси истовремено со објавувањето на изборните резултати. Официјално, победник на претседателските избори во Венецуела е досегашниот претседател Николо Мадуро, со освоени 51,4 отсто од гласовите. Противкандидатот Едмундо Гонзалес Урутиа освои 44,2 отсто од гласовите.
Македонски хакери во корист на опозицијата?!
Опозицијата ги отфрли овие резултати, со тврдење дека имаат докази дека реалните резултати се во нивна полза. Интересно е дека излезните анкети покажаа огромна поддршка за Гонзалес. „Имаме 100% од минутите на Националниот изборен совет (CNE) и оваа информација се совпаѓа со тоа Гонзалес доби 70% од гласовите, а Николас Мадуро 30%. Венецуела има нов новоизбран претседател и тој е Едмундо Гонзалес Урутиа. Победивме и сите го знаат тоа“, продолжи таа“, изјави опозициската лидерка Мачадо.
Но, обвинителот Сааб објави дека е покрената истрага за наводно хакирање на системот за пренос на податоци на Националниот изборен совет, при што овој сајбер напад, наводно, бил „координиран од Северна Македонија“ и „имал за цел да ги промени изборните резултати во корист на опозицијата“.
Без да покаже какви било докази за обвинувањата, обвинителот Сааб инсистираше на тоа дека имало „агресија врз електричниот систем и компјутерски напад врз системот за пренос на податоци на Националниот изборен совет“. Обвинителот тврдеше дека бројките што ги покажа опозицијата се „измислени“.
Приказната почна со велешките сајтови и Трамп
Македонските хакери станаа популарни пред неколку години, откако глобалните медиуми објавија приказни како тие помогнале во изборот на Трамп во САД. Станува збор за познатите т.н. велешки сајтови, кои првпат се појавија во изборната кампања во САД во 2016 година. Тогаш постоеше основан сомнеж дека тие копираат содржини од други американски сајтови и лиферуваат лажни вести, со цел да остварат финансиска корист.
Светот беше шокиран кога една организација откри дека сајтовите што инкриминирано работеле потекнуваат од македонскиот град Велес. Тие наводно ја користеле социјалната мрежа Парлер, која важи за десничарско ориентирана платформа и која во САД има стотици илјади корисници.
Противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон, всушност беше таа што ги обвини за својот изборен пораз токму велешките сајтови, алудирајќи дека зад нив стои Русија. Во подоцнежните официјални истраги не се најдоа докази за странско влијание во изборите во САД, но приказната за опасните хакери од еден мал град во уште помала Македонија остана во етерот.
Голобради момчиња и девојки дрмаат со глобалната политика?
И македонски експерти тврдеа дека овие сајтови и голобрадите момчиња и девојки кои наводно стојат зад нив заработуваат стотици илјади долари. Се тврдеше дека овие сајтови не публикуваат само лажни вести за политичките настани во САД, туку и вистинити, но крајно десноориентирани политички содржини. Експертите тврдеа дека овие сајтови се хостирани од лица што имаат точна, прецизна агенда и цели, бидејќи се политички поддржувачи на републиканците и на Доналд Трамп, но и поддржувачи на Русија. Експертите тврдеа дека македонските институции и органи го следат овој проблем и настаните во т.н. сива зона на интернетот.
Во меѓувреме, до вчерашната приказна од Венецуела, македонските хакери беа подзаборавени, а не се спомнуваа дури ни во контекст на политичките превирања во САД и битката меѓу Трамп и Џо Бајден, а индикативно е тоа дека не беа спомнувани ни во врска со војната во Украина.
Затоа, интересно е да се види дали главниот обвинител на Венецуела ќе понуди било какви посериозни докази за тврдерњето дека хакери од далечната Македонија извршиле сајбер напад врз тамошниот систем за пренос на податоци на Националниот изборен совет. Или, сепак, станува збор за злоупотреба на една хакерска легенда во жестокиот политички конфликт во оваа латиноамериканска земја.