Македонски дел од нееднаквоста

На ранг-листата објавена деновиве во најновиот извештај на Оксфам, меѓународна организација посветена на намалување на сиромаштијата во светот, Македонија се најде длабоко на долната половина, на 103-то место од вкупно 161 земја во светот.

401

Глобалниот феномен на раст на разликите меѓу побогатите и сиромашните мошне силно се чувствува во Македонија. На ранг-листата објавена деновиве во најновиот извештај на Оксфам, меѓународна организација посветена на намалување на сиромаштијата во светот, Македонија се најде длабоко на долната половина, на 103-то место од вкупно 161 земја во светот.

Состојбите изгледаат уште полошо кога ќе се погледнат анализите на Оксфам на регионално ниво, каде што Македонија, меѓу вкупно 47 опфатени земји во регионот на Европа и Централна Азија, е убедливо потоната на последното место. Во друштво со Македонија на самото дно, претпоследна е рангирана Србија, а пред неа е Албанија (Отворен Балкан).






Уште поинтересни стануваат анализите за степенот на нееднаквоста и сиромаштијата кога ќе се погледнат во потесно, балканско регионално ниво, каде што некои од земјите што се осамостоија по распадот на поранешна Југославија покажуваат солидни резултати. Словенија во истражувањата на споменатата меѓународна организација во последните години постојано се движи по нагорна линија и во најновиот извештај е рангирана меѓу првите десет земји во светот – на 9-то место. Хрватска, пак, бележи извесен пад, но и понатаму е пласирана релативно високо – на 22. место. Разликите се драстични гледано од повеќе аспекти. Србија и Македонија, пласирани на 90 –то и 103-то место, се чини само ја потврдуваат познатата максима од периодот на поранешна Југославија – колку појужно, толку потажно.

Индексот што Оксфам го изготви заедно со Девелопмент финанс интернешнл ги рангира земјите во глобални рамки поаѓајќи од нивните заложби во борбата против економската нееднаквост во областа на јавните услуги, даноците, трудот и правата на вработените. Тоа се става во контекст на развојот во светот што моментно е мошне загрижувачки поради зголемувањето на нееднаквостите, што води кон пораст на социјалните немири, политичка нестабилност, насилство, корупција и криминал.

Тешко би можело да се поверува дека некој пропуштил да го забележи енормното зголемување на социјалните разлики во Македонија, што како тренд постојано се продлабочува во изминатите три децении. Но и споредбите што би се направиле ризикуваат да западнат во некаква сфера на апсурдност и инкомпатибилност. Невработеноста е хроничен проблем, но и мнозинството од оние што работат одвај успеваат да скрпат крај со крај во месецот, со плати од околу 300 евра. За разлика од вреднувањето на нивниот труд, заработувачката на привилегираната елита, присобрана околу партиските дувла, се движи во опсег од 30, 40 или 50 пати повисоки суми, исплатени, на пример, во вид на еднократни хонорари за работен учинок со сомнителна вредност во „мешовити“ историски комисии, за експериментални тендерски набавки и промашувања, или, пак, за проекти наменети за тренирање на вокалната дарба на магариња и друг вид добиток.

Таквите фрапантни разлики и енормните нееднаквости без сомнение не би можеле да поминат без големо чудење дури и во прворангираната земја на најновата листа на Оксфам, Норвешка, една од најразвиените земји во светот.

Индикаторот врз кои се темели индексот на економската нееднаквост на Оксфам, во случајот на Македонија и Србија е посебно интересно поглавје, бидејќи и двете земји, рамо до рамо, во областа на спроведувањето и ефектите од даночната политика се заковани на дното во глобални рамки, Србија на 159-то, а Македонија на последното 161. место. Во областа на даночната политика во споменатиот извештај се анализира во колкав обем се прогресивни разни даночни стапки (на доход, на потрошувачка, на имот), но исто така се истражуваат и податоци и сознанија за тоа во колкава мера земјите преку начинот на практикување на политиките се однесуваат како да се даночен рај, или пак го поткопуваат прибирањето на даночни средства.

Би било интересно да се погледне одблиску како се одвива наплатата на даноците во „Катангата“ од натрупаните дуќани од двете страни на улицата Цветан Димов во Чаир, и дали министрите одговорни за финансиско-економски прашања од редовите на владејачката ДУИ прават некакви сериозни напори за „успешна“ и ефикасна даночна наплата на споменатата улица, која овде се зема само како еден од можните примери за илустрација, што веројатно отвора поширока перспектива за анализа на фактите во оваа област. Кога би имале повеќе простор, би можело да се наведат и стотици други примери. Тоа, се разбира, не би била некаква тешка задача.

Она што го интересира Оксфарм, меѓу другите индикатори, е на каков начин една земја успева да ги собере даноците утврдени како законски ставки на хартија, и како тие собрани средства влијаат на намалувањето или зголемувањето на нееднаквоста на приходите. А, како што веќе посочивме, Македонија во светски рамки, во однос на ефектите од даночната политика, е закована на дното на ранг-линстата. За утеха би можеле да наведеме дека извештајот на Оксфам опфаќа „само“ 161 земја, така што меѓу оние останатите, што не се вклучени во анализите, можеби има и полоши примери.

Секојдневието за оној што живее во екстремна сиромаштија најчесто се сведува на принуда постојано да се одмерува секое париче и да се избира меѓу лекарствата, исхраната или сигурноста на покривот над главата. Елементарни човечки потреби, кои, за жал, за многумина се тешко достижна привилегија.

Развојното демократско ниво во Македонија во изминатите три децении најчесто се означуваше како „дефектна демократија“ во назадување, со континуирано разнишување на темелите на општеството и на слабите институции, како една од земјите кои се на пат кон развој со некои елементи на предфеудални општества. Со корупција и непотизам и со силно изразена злоупотреба, манипулирање и поткопување на демократските институции. Така, наједноставно речено, им одговара на партиите.

Синдикатите сега велат дека нема да бидат одговорни за бесот и последиците доколку Владата го спроведе најавеното кратење на платите. Луѓето се борат да преживеат и да им стигнат парите да ги платат сметките, и сосема е јасно дека очекуваат сериозен пристап за барем малку да се запрат последиците од продлабочувањето на јазот на нееднаквоста во општеството. Јаз, кој колку е појужен, толку е потажен.

Поврзани содржини