МАКЕДОНСКАТА ЖЕНА ИМА ШТО ДА КАЖЕ Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се бори за праведно општество
Ние не треба да стоиме на периферијата, туку треба да бидеме активни учесници во креирањето политики, во водството, во промената на општеството, изјави претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека борбата на Унијата не е само за застапеност во партиските структури, туку и за создавање на праведно општество каде жената не треба да биде почитувана само поради тоа што е жена, туку поради својот труд и работа.
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е бедем на женската борба, сила и лидерство во Македонија, истакна претседателката Жаклина Пешевска, на 20-тата Годишна конференција на Унијата што се одржува денеска под мотото „Жените громогласни за Македонија“ во Градскиот парк во Скопје.
На настанот, кој ја истакнува дведецениската посветеност на Унијата во борбата за правата и застапеноста на жените во политичкиот и општествениот живот, Пешевска нагласи дека истрајноста во борбата за женските права е клучен двигател на општествените и политички промени.
Таа потенцираше дека Унијата, во текот на 2024 година реализирала над 2.000 активности, од кои две третини биле од хуманитарен карактер.
– Со гордост можам да кажам дека преку Унијата градиме мостови, соработуваме со организации ширум светот и покажуваме дека македонската жена има што да каже – рече Пешевска.
Во својот говор, Пешевска нагласи дека борбата на Унијата не е само за застапеност во партиските структури, туку и за создавање на праведно општество каде жената не треба да биде почитувана само поради тоа што е жена, туку поради својот труд и работа.
Таа спомна дека како Претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ давам силна поддршка за донесување на Национална стратегија за демографија преку конкретни мерки кои ќе се однесуваат на поддршка на мајките и семејствата како целина.
– Семејството е темелот на општеството и игра клучна улога во демографските трендови, вклучително и наталитетот, миграцијата и структурата на населението. А политиките што го подржуваат семејството, како што се мерките за родителско отсуство, достапност на детска грижа, квалитетно образование, економско јакнење на жените преку нивно ангажирање на пазарот на трудот, политиките што ги охрабруваат младите да основаат семејство, како и економски олеснувања, меѓу кои се и 6-те обиди за вештачко оплодување на државен буџет, можат да ја поттикнат позитивната демографска динамика на Македонија и да обезбедат долгорочна стабилност, раст и развој – рече Пешевска.
Според неа интегрираноста на жените во сите слоеви на општеството е клучна.
– Ние не треба да стоиме на периферијата, туку треба да бидеме активни учесници во креирањето политики, во водството, во промената на општеството – додава претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.