МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ДОБИ ЗАСИЛУВАЊЕ Ковачевски му подари фудбалски дрес на американскиот советник Шоле (ФОТО)
Пред состанокот, претседателот на Владата му подарил дрес на Дерек Шоле од фудбалската репрезентација на Македонија.
Советникот на Стејт департментот Дерек Шоле утрово пристигна во Скопје од каде ја започнува својата балканска турнеја за време на која ќе ги посети и Косово и Србија.
Пред македонската Влада тој беше пречекан од премиерот Димитар Ковачевски, а двајцата на средбата разговараат за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.
Пред состанокот, претседателот на Владата му подарил дрес од фудбалската репрезентација на Македонија.
„Топло добредојде за Дерек Шоле денеска на средба во Скопје. Нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. За овие предизвици, но и за многу други теми ќе разговараме на денешните средби“, се вели во објавата на премиерот пред најавената средба со високиот советник на Стејт Департментот.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук профил во врска со средбата во Владата со Шоле напиша дека проектите и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог се солидна основа за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и унапредување на билатералните врски.
„Благодарност за поддршката за нашето претседавање со #ОБСЕ2023 и САД – Јадранската Повелба во услови на актуелните безбедносни предизвици. Европската перспектива и присуството на САД во регионот како значаен влог во стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. Како НАТО сојузници остануваме обединети во поддршката за Украина и одбраната на споделените демократски вредности“, напиша Османи.
Шоле, утре ќе продолжи во Белград, каде со раководството на српската Влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во Дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово.