МАКЕДОНСКАТА РЕНЕСАНСА КОЈА ЈА ПРЕРОДИ ЕВРОПСКАТА Византиските тајфи му ги отстапиле клучните тајни на Западот

Во таа смисла, не е чудо што фреската Оплакување на Христос во скопско Нерези многумина ја споредуваат со, на пример, сликите на ренесансниот зограф Ѓото (ди Бондоне), кој токму во 14 век ќе ја употребува и ќе ја вдоми златната боја на тој начин што станува јасна врската меѓу тогашна Византија и италијанското копно. Цели сликарски и градителски тајфи преку Дубровник го поминуваа Јадранот за да работат разни објекти таму.

1,024

Невиден период на распламтена уметничка дејност се јавил во Македонија во 13 и 14 век, а започнала како процес уште во 9 век, нешто што експертите го знаат под името Македонска или Византиска ренесанса. Приказната за оваа уметничка и бунтовничка школа има тажен крај – освен што Византија како држава се распаднала под налетот на Крстоносците и подоцна со доаѓањето на Османлиите, огромен број од учените и паметни луѓе, полимати, занаетчии и уметници од Балканот немале друг избор освен да се преселат во Фиренца, Венеција и Северна Италија – местата каде што било слободно да се твори надвор од строгиот православен канон и кадешто мецените како фамилијата Медичи добро плаќале за тоа.

Со други зборови, во Византија многу од сликарите, на пример, знаеле за перспективата која потоа ќе биде „откриена“ во Ренесансата во денешна Италија, но не смееле тоа да го практикуваат. Или, можеби, токму во Македонија, во цркви и манастири кои се помали, на недостапни места токму тоа може да се види насликано по ѕидовите. Така и се случило.






Живите бои и емоцијата на фреските од Македонија, на пример, познати им се на византолозите. Сцената на оплакувањето на Христос од скопската црква на Нерези од 1164 година, во која мајчиниот плач, боите, дури и геометријата се толку реални укажуваат на тоа дека некоја стара античка традиција, најверојатно хеленската, односно старомакедонската била преќутена поради византискиот канон светците да бидат прикажувани стилизирани, сплескани, како да не се од овој свет туку  од небесниот, а по правила кои влечат потекло од египетското осликување на тавани во храмовите. Таа е фреска од македонскиот стил, како и фреските во црвката во Старо Нагоричане близу Куманово па дури и храмови во денешна Србија. На југ стилот оди сè до преуредувањето на Константинопол во антички стил кое се случувало во времето на династијата на Палеолозите.

А токму од Константинопол дошле четворицата незнајни мајстори кои ќе го насликаат Нерези.

Уште повеќе, оваа византиска ренесанса, која воопшто не е табу-тема на Запад, кога се спомнува потеклото на Ренесансата во Италија, ни дава уште еден клуч: дека знаењето од Истокот, уште од Александриската библиотека, но и многу порано, кое претходно постоело, а успешно го сочувале схоластиците од исламскиот свет, преку Византија дошло до католичкиот Запад.

Во таа смисла, не е чудо што фреската Оплакување на Христос во скопско Нерези многумина ја споредуваат со, на пример, сликите на ренесансниот зограф Ѓото (ди Бондоне), кој токму во 14 век ќе ја употребува и ќе ја вдоми златната боја на тој начин што станува јасна врската меѓу тогашна Византија и италијанското копно. Цели сликарски и градителски тајфи преку Дубровник го поминуваа Јадранот за да работат разни објекти таму.

споредба на фррескопис од македонската ренесанса со слика од Ботичели

А, за прилично очигледен пример на влијание и пренос се смета катедралата Свети Марко на главниот плоштад во Венеција. Златото и фреските во нејзината внатрешност таму недвосмислено упатуваат на нашите тукашните балкански мајстори – знајни и незнајни.

златната внатрешност на Свети Марко во Венеција

Во што се состоела Македонската ренесанса? Уште во 12 век во Византија се родил еден вид на хуманизам, едно заживување на знаењата од стара Грција. Дури и во теологијата се пробила филозофијата на Аристотел, се вклопила во учењата со својот рационализам и материјализам иако била спротивна на доктрината, на доксата. Некои од најеминентните претставници на оваа ера се: Максим Плануд, Мануил Москополец, Димитриј Трициниј и Тома Магистер.

Фреската пак на која има оплакување на Богородица, од храмот Успение на Богородица од црквата Света Богордица Перивлепта во Охрид може да се најде на насловната страна на една популарна книга во Франција. Ја има во сите книжарници. Тоа е “L’art de la Méditerranée – Renaissances en Orient et en Occident, 1250-1490“, книгата на Тања Велманс (Tania Velmans).

Под сликата пишува „Ренесансата во Европа започнува со фреската на Богородица во црквата Перивлепта, Охрид“.

„Задебелениот“ Исус меѓу другите детали на фреската зборуваат за тоа како мајсторите Михајло и Евтихиј ги скршиле нормите за да дојдат од божественото до човечкото, до Богочовекот.

лево: фреската со Богородица во Климентовата црква во Охрид, десно: детал од фреска во с.Нагоричане

Константин VII Порфирогенет, царот кој воедно бил и научник ја почнува оваа ера на ренесанса, наспроти претходниот „византиски среден век“, кој е периодот од 7 до 9 век. И во тој век, како и во времето на ренесансата, македонски династии, односно династии кои тврделе дека имаат потекло сѐ до Александар Македонски владееле со оваа голема балканска држава, каде многу народи, под идејата и плаштот на православието ќе се нарекуваат себеси „Ромеи“, под една идеја на севизантиско граѓанство, а зборувајќи есперанто јазик кој е мешавина од римски, грчки и од хомеровиот јазик, кој бил присутен на Балканот од антиката.

Дури во 15 век, два века по завршувањето на македонската ренесанса на Балканот ќе се прероди ренесансата, овојпат во северна Италија. Таму скулптурата нема да биде забранета во црквите, па мајсторството ќе се прелее и во нови форми, во голотија која била непоимлива за крутиот Исток.

Во една средина каде Римската империја нема да има цврста власт, туку Фиренца, Венеција и другите градови ќе функционираат како градови-државички кои можат да „здивнат“ од црковната хегемонија Ренесансата ќе се развива под влијание на слободната трговија и занаетчиството и подоцна ќе стане импринт, печат за развојот на Европа каква што ја знаеме денес.

 

Поврзани содржини