ИМА ЛИ КОМУ ДА ПРАЌА ПАРИ ДИЈАСПОРАТА? Лани испратила 310 милиони евра

Од земјите во регионот во апсолутни бројки најмногу дотации лани има дијаспората на Србија, која испратила 4,47 милијарди евра, потоа следи на Босна и Херцеговина со 1,99, Косово со 1,32, евра, Албанија со 1,28 милијарди и Црна Гора со 345 милиони евра. 

733

Македонците во странство минатата година испратиле во земјава 310 милиони евра или 2% од БДП. Иако бележиме суфицит, личните дотации од странство кон Македонија во апсолутни бројки бележат пад во последните години од 319 милиони евра во 2023 и 331 милион евра во 2022 година.

Падот на личните трансфери од дијаспората кон Северна Македонија не е случаен ниту привремен, туку е поврзан со длабоки демографски и структурни промени. Проценките покажуваат дека околу 700.000 македонски државјани живеат надвор од земјава, што претставува речиси 35% од вкупното население.






Што придонесува за намалените трансфери од дијаспората?

Клучната разлика во однос на минатото е што сè помал дел од оваа миграција е привремена. Денес доминира трајното иселување на цели семејства, со што исчезнува и потребата од редовно испраќање пари кон блиските кои порано остануваа во земјава.

Дополнителен фактор е стареењето на дијаспората. Дел од паричните приливи кои статистички сè уште се водат како лични трансфери всушност се пензии или повремени дознаки, што по правило се пониски и нестабилни.

Тоа ја менува и нивната улога во економијата – од главен извор за семејна егзистенција, тие стануваат спореден финансиски прилив.

Влијание има и состојбата во земјите-домаќини. Зголемените трошоци за живот, инфлацијата и притисокот врз семејните буџети во Западна Европа го ограничуваат просторот за испраќање пари „дома“.

Во такви услови, приоритет стануваат сопствените трошоци и иднината на семејството во странство, а не поддршката на економијата во матичната земја. И покрај големината на дијаспората, личните трансфери во Северна Македонија учествуваат со само околу 2% од БДП, што покажува дека нивното значење за економијата веќе е далеку помало отколку во минатото.

Отсуството на јасна стратегија за вклучување на дијаспората преку инвестиции, бизнис-проекти и институционална соработка дополнително го засилува овој тренд. Наместо долгорочен економски ефект, врската со иселениците сè почесто останува сведена на симболични и повремени финансиски трансфери – уште еден показател дека депопулацијата веќе има конкретни последици врз економската слика на земјава.

Како е во регионот

Податоците на Евростат за земјите во регионот во апсолутни бројки најмногу дотации лани има дијаспората на Србија, која испратила 4,47 милијарди евра, потоа следи на Босна и Херцеговина со 1,99, Косово со 1,32, евра, Албанија со 1,28 милијарди и Црна Гора со 345 милиони евра.

Во 2024 година, суфицит во личните трансфери имаат девет земји од ЕУ, меѓу кои Хрватска (2,6% од БДП), Бугарија (1,3%) и Португалија (1,2%). Спротивно на тоа, Малта (-2,8%), Кипар (-0,9%), Белгија (-0,6%), Грција, Шпанија и Франција (секоја од -0,5%) покажаа најголеми дефицити на лични трансфери како дел од нивниот БДП, покажуваат податоците на Евростат.

Од европските земји се одлеале 52,1 милијарди евра

Личните трансфери на пари испратени од жители на ЕУ кон лица кои не се жители на ЕУ, минатата година изнесуваат 52,1 милијарди евра, што е зголемување од 6% во споредба со 2023 година (49,2 милијарди евра), додека приливот на лични трансфери кон домаќинствата жители на ЕУ изнесува вкупно 14,8 милијарди евра, што е зголемување од 7% во споредба со 2023 година.

Во последните пет години е забележан значителен раст на одливот на лични трансфери. Одливот е зголемен за 51%, додека приливот расне поскромно, зголемувајќи се за 26%. Како резултат на тоа, има проширување на негативното салдо за ЕУ ​​во однос на земјите кои не се членки на ЕУ, достигнувајќи 37,3 милијарди евра во 2024 година.

Поврзани содржини