Македонка чека да ја примат на „приватната забава“
Ако 17 пати те вратат на врата, не одиш таму повеќе… Или одиш?
Има едно фино местенце, се собираат богати деца, а и оние кои сакаат да се тоа. Да не речам елитен клуб. Има и кои не се елита, ама се таму.
Се собираат Ангела, Франсоа, Домагој, Едвард, Краси, Јорго…
Може слободно да се каже дека таму не може да влезе секој. Ни секоја. Одамна да се дружи со нив сака и Македонка. Ситна, ама убава. Но, на секој обид да влезе, ѝ велат дека тоа е „приватна забава”.
Не помага објаснувањето дека таму ѝ се „пријателите” Ангела, Франсоа…
Излегуваат некогаш тие да ѝ направат муабет, да ја охрабрат. И се враќаат, божем да зборнат со другите, да ѝ дозволат влезе. А вратарот пак вели „приватна забава”.
Пред некоја година, имаше и инцидент, додека чекаше. Излезе од клубот еден Борис, лут и изнервиран, не сакал да се дружи со нив повеќе. Ѝ се стори на Македонка дека сега е шансата, дека има место. Ама немаше. Вратарот пак кажа „приватна забава”.
А и некои од копуцине, влезени во тоа друштво бво разни околности, не ја сакаа Македонка внатре, на маса со нив.
Јорго, со чии баба и дедо се знаеше, се знаеја со генерации и беа соседи, не ѝ го бендиса името. Почна да ја вика Северна. По некое време и Македонка почна да се вика Северна. Ѝ пукаше филмот кога ќе се слушнеше тоа, ама кога се мора… Оти внатре беше убаво и сигурно. Или барем така ѝ се чинеше…
Јорго се врати во друштвото, да испие некоја пијачка на сметката на Ангела. Без пари. По навика.
Излезе подоцна и Краси.
– Кои се твоите? – ја праша Македонка.
– Како кои се? Имам потекло.
– Немаш.
– Па не ме измисли некој…
– Те измисли. Дур не прифатиш тоа, не влегуваш.
Се знаеше и со Краси Македонка. Неговите дедо и баба своевремено се беа вселиле во нивниот стан. Направија таму лом и од тогаш сакаат да се вратат. Тие велат дека не направиле лом, туку само го подсредиле станот.
И така…
Чекајќи да влезе во клубот, Македонка остаре. Лицето ѝ се измени и усни ѝ свија кораво, што би рекол Рацин. Изгуби сила и желба, почна да пие апчиња и пред време болести ја нападнаа.
Но, гледаше таа уште внатре, никогаш не погледна на друга страна. Скоро вратарот пак се сожали и ѝ рече:
– Имаме волја да влезеш…
– Кога?
– Не знам кога, види со Краси тоа…
Македонка, со она малку достоинство што ѝ остана, продолжи да чека. Да се смилува Краси.
Уште чека. Иако внатре, на „приватната забава“, веќе и не е толку забавно.
А можеби Македонка и не знае што се прави на „приватни забави“?