МАКЕДОНИСТИКАТА СТАНА РЕТКА НАУЧНА ДИСЦИПЛИНА На конференција во Париз ќе се опфати литература од Цепенков до Бужаровска
На Националниот институт за ориентални јазици и култури во Париз, Франција, денеска се одржува меѓународна конференција за македонистика како ретка научна дисциплина. Оваа конференција следи неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и во Германија, со што македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.
Во името на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) се обрати директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсети дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.
– Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. И двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознале со говорите во Леринско и во Костурско (денес во северна Грција, некогаш во Егејска Македонија). Од тука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група – рече Мојсова-Чепишевска.
Потоа, ИНАЛКО стана центар на странската македонистика, а Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година и догодина ќе прослави половина век постоење. Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. На ИНАЛКО е отворена првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја.
– Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро. Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект – посочи Мојсова-Чепишевска.
Конференцијата започна со обраќање на раоводителката на Одделот за македонистички студии, проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, по што во рамките на првата сесија беа опфатени теми за преводите на Новиот завет на македонски јазик во 19. век, влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков Мисирков врз лингвистичките концепции на Блаже Конески, изучувањето на македонскиот јазик како странски, а одделно беа направени и паралели меѓу изучувањето и унапредувањето на францускиот јазик во Македонија и изучувањето и унапредувањето на македонскиот јазик во Франција, а одделно се говореше и околу проект поврзан со граматиката на македонскиот јазик. Исто така, еден реферат беше посветен и на творештвото на Васил Хаџиманов (1906-1969).
Во натамошниот тек на конференцијата ќе доминираат темите за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото. Меѓу другото ќе биде проектиран и филмот за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Покрај тоа и покрај рефератите и научната дискусија, одделно внимание ќе биде посветено на најновите преводи на дела од современата македонска книжевност на француски јазик – избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Страв од варвари“ од Петар Андоновски. На овој дел од конференцијата ќе учествуваат и преведувачката Марија Бежановска и претставници на издавачките куќи.
Од нашата академска заедница, на Конференцијата, меѓу другите учествуваат и академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Ана Димишковска, проф. д-р Борче Арсов и м-р Ѓоко Здравески, кој во моментов е лектор по македонски јазик на ИНАЛКО. Дел од учесниците од Франција се и семинаристи на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
По оваа конференција, се очекуваат и следни, во 2023 година, кога ќе се одбележи големиот јубилеј – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.