МАКЕДОНИЈА2025 ОБЕЗБЕДИ МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ Фамилиите Битов и Јосифовски донираа современ апарат за „8 Септември“

Најголема донација е современиот апарат за томографија со електрична импеданса PulmoVista 500 за ГОБ „8 Септември“ во Скопје, за унапредување на респираторната нега и поддршка на пациенти со тешки повреди.

77

Македонија2025, во партнерство со истакнати донатори од дијаспората, направи значаен придонес кон јавното здравство во Македонија преку донација на современа медицинска опрема за три главни здравствени институции во Скопје и во Кочани.

– Донираните современи апарати и материјали во вредност од над 400.000 денари се главно насочени кон третирање на пациентите кои се здобија со критични повреди во трагедијата во Кочани, но имаат и долгорочна вредност за третирање и на други пациенти. Тие се израз на солидарност и сочувство на целата заедница, а особено од нашите иселеници – изјави проф. Никица Мојсоска Блажевски, извршен директор на Македонија2025.






Најголема донација е современиот апарат за томографија со електрична импеданса PulmoVista 500 за ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ во Скопје, за унапредување на респираторната нега и поддршка на пациенти со тешки повреди.

– Овој напреден уред, прв од ваков вид во Македонија, но и пошироко во регионот, значително ќе го подобри респираторниот болнички третман и ќе обезбеди клучна поддршка за пациентите со сериозни повреди на белите дробови и критични состојби – изјави д-р Синиша Стојаноски, директор на болницата.

Директни донатори на овој апарат се фамилијата Битов од Канада и Вања Јосифовски од Соединетите Американски Држави, познати поддржувачи на бизнис, лидерски и општествени иницијативи во Македонија.

Покрај ова, Македонија2025 овозможи донација и на 82 еднократни PRP комплети (T-LAB PRP KIT 1) и PRP (Platelet-Rich Plasma) уреди за ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје. Ваквите уреди се наменети за поддршка на реконструктивни зафати за повредените лица од Кочани. Дополнително, беше дониран дигитален спирометар SpiroScout со ултразвучни сензори на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност во Кочани. Овој високо прецизен уред се користи за мерење на функцијата на белите дробови и за дијагностицирање на респираторни заболувања како астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), со што се зајакнуваат дијагностичките капацитети на болницата.

Овие донации претставуваат заеднички напор за зајакнување на капацитетите на македонскиот здравствен систем преку обезбедување на современи алатки за медицинските лица, со цел да обезбедат поквалитетен и поефикасен третман. Покрај набавката на опрема, во тек е и обука на медицинскиот кадар за нејзина ефективна употреба.

Македонија2025 се заблагодарува на сите поединечни донатори за нивната несебична поддршка на земјата, на граѓаните и на настраданите од трагедијата во Кочани. Отаму порачуваат дека остануваат и понатаму посветени на економскиот, социјалниот и на општествениот напредок на Македонија заедно со сите нивни партнери и пријатели.

Поврзани содржини