Македонија во Макронова „Европа со повеќе брзини“ ќе биде налик на камион претоварен со камења што јури по удолница во лер!
Макрон викендов отворено кажа во која грмушка лежи зајакот. Европската Унија тешко функционира и со 27 членки, а со 32 или 35 земји членки нема да биде полесно. Во шарената лага „во ЕУ до 2030 година“ никој од лидерите на Западен Балкан веќе не верува. Освен Ковачевски, Османи, Маричиќ и друштвото еврохистерици од „Фронтот за Европа“. Можеби и неколку македонски келнери во Блед...
Минатата недела ги слушнавме драматичните апели на нашите еврохистерици.
Итно да се усвојат уставните промениии!
Подобра шанса немамеее!
Бугарија нема да поставува нови условиии!
Во 2030 година членка на ЕУ ќе станемеее!
Џам ќе свиткамеее!
Живи глупости…
Овие апели не беа упатени кон македонската јавност. Еврохистериците знаат дека од огромното мнозинство граѓани на Македонија се прочитани ко селски буквар. Речиси никој веќе не верува во нивните лаги, манипулации, кодошења и спинови. Не, тие пискотници од Галичник до Река беа за да се импресионира и да се настрви американскиот дипломат Габриел Ескобар, од кого дунстериве очекуваа итно и безусловно да го скрши отпорот на опозицијата кон предложените уставни промени.
Ескобар дојде, виде колку е саатот и си замина.
Викендов, пак, слушнавме што велат вистинските Европејци. Не бриселските чиновници, чија работа бездруго е да шират безразложен оптимизам, а суштинските проблеми да ги кријат под тепих, еуфемизирано нарекувајќи ги „предизвици“. Не. Сега се огласија лидерите на земјите членки со решавачко влијание врз нашиот евроинтеграциски процес, како и лидерите на земјите аспиранти од регионот Западен Балкан.
Бугарскиот премиер Николај Денков ја демонтираше лагата на пропагандата во Скопје дека Софија нема да поставува други услови, ако се усвојат уставните измени. „Не се менува бугарската позиција. Од Македонија се очекува да ги исполни обврските преземени пред ЕУ“, изјави тој.
Значи, да му преведам и да му нацрта уште еднаш, по кој знае кој пат, на Бујар Османи, ако треба и на неговата прочуена табла со креда – Бугарија очекува Македонија да ги исполни сите преземени обврски кон ЕУ. Сите, а не една!
А такви обврски во Договорот за добрососедство и во двата протокола, на кои се повикува и Преговарачката рамка, има многу. За жал, најголем дел од тие обврски – на пример, обврската да се ретушира историјата и да се пишуваат нови историски наративи во македонските учебници – немаат никаква суштинска и формална врска ниту со Копенхашките критериуми, ниту со легислативата на ЕУ.
Ова нашите еврохистерици не можат да го разберат. Толку долго и упорно ја гледаат „големата слика“ што веќе не можат да го фокусираат погледот на нејзините клучни суштински сегменти, а камоли на најважните детали, во кои обично се крие ѓаволот, нели.
Затоа, пак, суштината на проблемот одлично ја разбира хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој на форумот во Блед побара сите билатерални прашања коишто не се формално-правно поврзани со легислативата на ЕУ да бидат елиминирани од пристапниот процес.
„Примерот со Северна Македонија е симболичен. Чекаа 15 години да се реши грчкото прашање и штом тоа беше решено, сега имаме ново прашање. Тоа не е фер, тоа е штетно за имиџот на ЕУ и јас го велам тоа јавно со години и ќе продолжам да го велам“, изјави Пленковиќ.
Да е Пленковиќ случајно од Македонија, нашиве ќе го прогласеа за евроскептик и за руски бот. И ќе му порачаа да се консултира со македонските келнери на Блед пред да коментира за нашата надворешна политика.
Инаку, незадоволни од пристапниот процес се лидерите на сите земји аспиранти. Освен нашиот Таче. Кој секогаш кога е во странство е импресиониран ко куче во лифт.
Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, на пример, потсетува дека Црна Гора ги почна преговорите пред десетина години, дека нема проблеми со соседите, дека ја почна борбата со корупција, а членството во ЕУ никако да дојде. Српската премиерка Ана Брнабиќ потврди дека и Србија преговара со ЕУ десетина години, без успех, бидејќи, како што се жали таа, ЕУ постојано измислува нови барања. Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека не верува дека неговата земја ќе стане членка на Унијата до 2030 година.
Во таквите шарени лаги на бриселските бирократи веруваат само Ковачевски, Османи и Бојан Маричиќ. Никој друг!
Реалноста е обесхрабрувачка. Политиката на проширување на Европската унија долги години ја оспоруваат токму лидерите на водечките земји членки на оваа организација. Тие постојано разговараат за можна нова архитектура на Унијата.
Минатата година францускиот претседател Емануел Макрон го тестираше форматот наречен Европска политичка заедницa, замислен како заедница од 44 држави – вклучени 27 земји членки на ЕУ како и 17 други европски држави кои не се дел од Унијата. По изразените резерви дека ова, всушност, е идеја за формирање „европска Б лига“, иницијативата се притаи. Потоа Германците почнаа внимателно да го испитуваат расположението за еден друг формат на приближување на аспирантите кон Унијата, кој подразбира создавање единствен европски економски простор како приоритетен проект. Ќе видиме како ќе заврши таа идеја.
Макрон викендов отворено кажа во која грмушка лежи зајакот. Европската унија тешко функционира и со 27 членки, а со 32 или 35 земји членки нема да биде полесно. ЕУ треба да се реформира, ако сака да прими нови членки, категоричен е францускиот претседател. Ништо ново, но добро е вистината да се слушне уште еднаш.
Новото френско предложение, кое овој пат не само за нас, се вика „Европа со повеќе брзини“.
Колку и да ни е тој Макрон неомилен, непристрасната анализа сепак води кон заклучокот дека човекот е во право. Тој и сите што мислат дека со вака комплицирани процедури на одлучување, кои произведуваат и политики на уцени и дури и корупција внатре во Унијата, проширувањето тој организам ќе го направи уште понефункционален и тром. Затоа Макрон се залага за ревизија на процедурите на ЕУ. Едноставно, гласот на Франција или гласот на Германија, на пример, не може да имат еднаква „тежина“ со гласот на хировитата Бугарија денес, или утре со гласот на снисходливата Македонија, на пример.
И додека нашиве чаламџии ништо не читаат, не следат и се советуваат само со своите локални пропагандисти и со персоналот на западните амбасади во Скопје, лидерите на земјите аспиранти, барем оние кои имаат подобри информации и поумни советнички тимови, се трудат да ги разберат отпорите кон политиката на проширувањето и да конституираат соодветни одговори.
Албанскиот лидер Еди Рама, на пример, зборува за потребата од континуирана финансиска поддршка и пристап на регионот до заедничкиот европски пазар. За него тоа е приоритетно прашање. Патем речено, во средината на јуни и поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски се заложи за еден „меѓучекор кон ЕУ“, за обезбедување брз пристап за земјите аспиранти до заедничкиот европски пазар и до европските фондови. Црвенковски тогаш се соочи со жестоки критики на своите сопартијци, кои се најдоа повредени од неговата оценка дека „ЕУ нема став што ќе прави со себе во иднина, а не пак да прима нови членки од Западен Балкан“.
Конечно, да го поставиме и најважното прашање – каде ќе биде Македонија во таа Макронова „Европа со повеќе брзини“? Со која брзина би возеле ние?
Тоа е добра тема за една друга, поопсежна анализа, тогаш кога Макрон можеби ќе соопшти повеќе детали за својата идеја.
Во оваа прилика ќе го споделам со вас само мојот впечаток дека ако нашата надворешна политика и натаму ја креира овој дунстерај, Македонија, оптоварена со своите внатрешни проблеми и со тежината на билатералните односи, во таа Макронова „Европа со повеќе брзини“ ќе биде налик на камион претоварен со камења што јури по удолница во лер!