МАКЕДОНИЈА ВЕЌЕ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ВО ЕУ Унгарскиот министер за европски прашања ја потврди поддршката од Будимпешта

За време на унгарското претседателство со ЕУ, се обидовме и успеавме да го ставиме во преден план проширувањето, помогнавме за усвојување на реформската агенда за земјата, како и за влезот во СЕПА- единствената област на плаќања во евра, што исто така ќе биде голем исчекор за Северна Македонија, рече министерот за европски прашања на Унгарија на заедничка прес-конференција со колегата во Скопје.

75

„Проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан и интеграцијата на Северна Македонија во Унијата е незавршен процес. Македонија веќе требаше да биде во ЕУ. На Северна Македонија ѝ треба ЕУ, но и обратно, на ЕУ ѝ треба Северна Македонија. Унгарија е ваш искрен пријател на тој пат“.

Вака порача министерот за ЕУ прашања на Унгарија, Јанош Бока на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин министерот за европски прашања Орхан Муртезани.






– Постои силно стратешко партнерство меѓу Унгарија и Северна Македонија кое се темели на споделени вредности и замени интереси, а тоа се однесува и на прашањата на евроинтеграцискиот процес. За време на унгарското претседателство со ЕУ, се обидовме и успеавме да го ставиме во преден план проширувањето, помогнавме за усвојување на реформската агенда за земјата, како и за влезот во СЕПА- единствената област на плаќања во евра, што исто така ќе биде голем исчекор за Северна Македонија – рече Бока кој ја искористи приликата да изрази длабоко сочувство за трагедијата во Кочани и подготвеноста на Будимпешта и понатаму да даде каква било помош.

Тој потсети дека двете влади веќе одржаа заеднички меѓувладини седници во Охрид и во Буримпешта, а нов исчекор во билатералните односи меѓу двете земји е, рече, и денешното потпишување на Меморандумот за соработка кој меѓу другото треба да и помогне на земјата во во насока на усогласување со европското законодавство и ефективно користење на европските фондови.искористувањето на европските фондови.

Министерот Муртезани од своја страна истакна дека Северна Македонија и Унгарија се поврзани со длабоки пријателски врски, а билатералната соработка добива уште позасилена динамика со денешното потпишување на Меморандумот.

Унгарија, нагласи тој, одамна ја има нашата благодарност за гласната поддршка за нашиот евроинтегративен пат и подвлече дека особено ја цениме нејзината улога како претседавач со Советот на ЕУ имајќи предвид дека токму за време на унгарското претседателство со Советот на ЕУ минатата година прашањето за проширувањето на Унијата и интеграцијата на ЗБ беше ставено високо во приоритетите на претседавањето а со тоа и на европската агенда.

– Министре Бока вашата постојана гласна и принципиелна поддршка за интегрирањето на Северна Македонија и Западен Балкан во Унијата што побрзо е вистински пример за пријателство во пракса. Круна на таа посветенопст е денешното потпишување на Меморандумот за соработка кој поставува цврста рамка за долгорочно и структурирано партнерство во областа на европските интеграции. Со потпишувањето на овој Меморандум на нашата веќе блиска соработка и даваме институционална димензија и стабилна рамка. Овој документ не претставува само формализирана административна алатка туку е израз на нашата заемна посветеност за продлабочувањето на партнерството преку размена на знаења, искуства и заеднички напори кон усвојување на европските стандарди. Со овој чекор Северна Македонија и Унгарија уште еднаш покажуваат дека Европа не е само географија и бирократија туку заеднички вредности и дека политиката на проширување на ЕУ е една од најважните стратешки цели – рече Муртезани.

Тој додаде дека ние сме подготвени да учиме од унгарското евроинтеграциско искуство и оти како Влада која веќе ги има восппавено структурите за координација со процесот на евроинтеграција во рамки на преговарачкиот процес ќе го искористи ова партнерство како допполнителен мотив за забрзување на нашата евроинтеграција.

Министерот Бока вчера одржа предавање на Универзитетот Скопје, во кое истакна дека Европската Унија се наоѓа пред нова ера и дека се потребни промени за адаптација на новата реалност.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка, следна фаза ќе биде утврдување на работниот план за активностите на двете страни што ќе биде финализирано на следната средба во Будимпешта.

Поврзани содржини