МАКЕДОНИЈА ТРОШИ ЕДЕН ТАНКЕР ГАС ГОДИШНО, НО НЕМА КАДЕ ДА ГО СКЛАДИРА Бугарија објаснува како може да му помогне на македонскиот енергетски систем

Танкерот не може да стои цела година, за да ги извлекуваш од него количините што ти се потребни, туку мора да биде испразнет и да продолжи понатаму. Во спротивно секој ден ќе ги чини многу пари властите во Скопје, а во исто време гасот мора некаде да се складира. Тоа може да се направи во бугарското складиште за гас во „Чирен" - вели Пламен Павлов, претседател на Бугарско-македонската трговска и индустриска комора.

129

Во Скопје утре ќе се одржи Бугарско-македонски бизнис форум. Ќе го отворат министрите за надворешни работи на Бугарија и на Северна Македонија, Николај Милков и Бујар Османи.

На бизнис форумот во Скопје не треба да се предлагаат многу проекти, туку еден или два пилот проекта, што ќе го дадат моделот за развој на деловните односи меѓу двете соседни земји – изјави за МИА претседателот на Бугарско-македонската трговска и индустриска комора, Пламен Павлов.






Според него, енергетиката, транспортното поврзување и земјоделството се трите многу важни сектори во економските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Северна Македонија годишно користи 280 до 300 милиони кубни метри гас, што е нешто повеќе од еден танкер со течен гас. Танкерот не може да стои цела година, за да ги извлекуваш од него количините што ти се потребни, туку мора да биде испразнет и да продолжи понатаму, бидејќи во спротивно секој ден ќе ги чини многу пари властите во Скопје, а во исто време гасот мора некаде да се складира. Тоа може да се направи во бугарското складиште за гас во „Чирен”, кое треба да биде независен субјект во енергетскиот систем на Бугарија и да учествува на пазарот на гас во нашиот регион. Гасот што го набавува Северна Македонија може да се складира во „Чирен”, а во меѓувреме да се пушти во бугарската и романската гасоводна мрежа, а кога ќе му треба на Скопје, Софија може да даде од своите количини. „Чирен” е пред проширување и неговиот капацитет ќе се зголеми од постојните милијарда метри кубни на 1.5 милијарди кубни метри, за што Европската комисија веќе има договорено средства со бугарската „Булгартрансгаз”, која е негов сопственик – вели Павлов.

Според него, ваквиот проект уште повеќе ќе ја зајакне енергетската поврзаност меѓу двете земји.

– Порано или подоцна, Северна Македонија ќе има вистински удел во терминалот Александропулис, ќе треба да го интегрира својот пазар на гас со оној на соседните земји. Северна Македонија може да се поврзе со грчкиот преносен систем, но поврзувањето со бугарската мрежа ќе и даде поголема флексибилност – вели Павлов.

Друг клучен енергетски проект, според него, меѓу Бугарија и Северна Македонија е изградбата на нов гасовод меѓу Петрич и Струмица. Овој проект ќе чини од 42 до 43 милиони евра, што не е голема сума за бугарската економија.

Поврзани содржини