МАКЕДОНИЈА СТОИ ДО САД Мицкоски за апсењето на Мадуро и европската дволичност
Премиерот Христијан Мицкоски ја истакна поддршката на Македонија за САД по апсењето на Николас Мадуро, нагласувајќи дека критиките од европските земји треба да се гледаат низ призмата на нивната тишина кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше ставот на Македонија во однос на апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД.
Тој истакна дека Владата апсолутно стои до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер и предупреди дека критиките од европските земји треба да се гледаат во контекст на нивната тишина во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија.
– Таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право. И како тогаш сите тие се оглувеа и никој не го коментираше сето тоа, а сега одеднаш сите имаат мнение. Јас тоа би им го оставил на експертите. Но еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб – рече Мицкоски.
Премиерот потсети на искуството на Македонија при менувањето на уставното име и блокадата за членство во НАТО и ЕУ како примери на „преседан“ од кој европските лидери тогаш молчеа.
– Кога се менуваше Уставот и знамето, ни се ветуваше членство во ЕУ и НАТО за неколку години, а потоа бевме блокирани. Имаше и Хашка пресуда дека Македонија не треба да биде блокирана, но се случи токму спротивното. Громогласната тишина од оние што денеска коментираат зборува сè. А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави – додаде Мицкоски.
Според него, светот се наоѓа во нова геополитичка динамика и Македонија, како членка на ОН и НАТО, треба легитимно и проактивно да ги следи своите интереси.