МАКЕДОНИЈА СО ПОЗИТИВЕН СКОК ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРЕКО Владата ги исполнува ветувањата, вели Митева
Портпаролката на Владата, Марија Митева, во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, откри детали од извештајот на ГРЕКО кој дава позитивна слика за антикорупциските резултати на новата власт во првата година од мандатот.
Во вечерашната емисија „За или против“ на телевизија Алфа, гостуваше портпаролката на Владата и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, која зборуваше за најновиот извештај на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата при Советот на Европа), оценет како позитивен сигнал за борбата против корупцијата во Македонија.
– После години на негативни извештаи и институции потонати во корупција, конечно добиваме признание за напредок. Ова е одличен индикатор за насоката во која се движи државата – изјави Митева.
Таа истакна дека Владата покажала резултати за само една година, што според неа, претставува јасна разлика во однос на претходното владеење. Извештајот нотира видливи подобрувања и исполнети препораки, а остануваат само неколку кои Владата има цел да ги реализира наскоро.
– Ако се погледне внимателно извештајот на ГРЕКО, ќе се види дека имаме конкретни состојби што говорат за реална работа на Владата. За една година, успеавме да изградиме различен систем на функционирање, нов начин на водење институции и управување – додаде Митева.
Според неа, извештајот е „добар импулс“ кој покажува дека институциите веќе работат на поинакви принципи, што е охрабрувачко не само за Владата, туку и за граѓаните кои очекуваат резултати во борбата против корупцијата.