МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАТИ ОД -18 ВО БАКУ „Црвено-жолтите“ триумфираа против Азербејџан

Македонската кошаркарска репрезентација го совлада Азербејџан со 78-70 во Баку, ја забележа четвртата победа во претквалификациите за Европското првенство 2029 и го одбележа историскиот настап на Војдан Стојановски со 90 настапи во националниот дрес.

252

Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва го продолжи перфектниот старт во претквалификациите за Европското првенство 2029, откако на гостински терен во Баку со 78-70 го совлада Азербејџан и ја забележа четвртата победа од исто толку натпревари во групата А.

Натпреварот започна со тешкотии за „црвено-жолтите“, дозволувајќи им на домаќините да поведат со 8-0 и да завршат првата четвртина со водство од 28-19. Во вториот дел од полувремето, Азербејџан стигна и до највисоки +18 поени (43-25), но македонската репрезентација со серија од 9-0 се врати на едноцифрена негатива (37-44).






Вториот дел донесе поорганизирана игра на избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал, со цврста одбрана и доминација во офанзивните скокови. Македонците го преземаа водството кон крајот на третата четвртина (58-56), а со тројката на Лука Стојановски и поените на Андреј Јакимовски, водството во последниот период достигна +7 (63-56), кое без проблем се задржа до крајот.

Најефикасен во македонските редови беше Андреј Јакимовски со 22 поени, додека репрезентативецот Војдан Стојановски стана првиот македонски кошаркар со 90 настапи во националниот дрес.

Следните два натпревари од групата А се закажани за јули, против Република Ирска на домашен терен и против Луксембург на гостински терен.

Поврзани содржини