МАКЕДОНИЈА СÈ УШТЕ Е КОШМАР ЗА ИТАЛИЈАНЦИТЕ Гатузо со јасна порака, нема лесни натправари во баражот

Италијанскиот селектор предупредува дека елиминацијата од Македонија во 2022 година не смее да се повтори во борбата за СП 2026.

204

Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, изјави дека е целосно фокусиран и „опседнат“ со целта да обезбеди пласман на Светското првенство 2026, откако Италија ги пропушти двата последни мундијалски турнири.

Италија не успеа да избори директен пласман на Мундијалот, но ќе добие нова шанса преку европскиот плејоф. Во март, во Бергамо, „аѕурите“ ќе играат полуфинален натпревар против Северна Ирска, додека во другото полуфинале ќе се соочат Велс и Босна и Херцеговина. Победниците од овие дуели ќе се сретнат во финалето, каде ќе се решава патникот на Светското првенство.






Гатузо посебно се осврна на болното искуство од 2022 година, кога Италија беше елиминирана од македонската репрезентација.

– Не смееме да ја повториме истата грешка како пред четири години против Македонија. Во модерниот фудбал нема лесни натпревари и секој противник заслужува максимален респект – изјави италијанскиот селектор.

Италија нема настап на Светско првенство повеќе од една деценија. По неуспехот да се квалификува за СП 2018, „аѕурите“ во 2022 година беа запрени токму од Македонија, која славеше со 1-0 во бараж-натпреварот одигран во Палермо.

– Мојата опсесија е Италија повторно да игра на Светско првенство. Мораме да се вратиме таму каде што припаѓаме. Тоа мора да го сакаме по секоја цена и да не дозволиме стравот и притисокот да нè вратат назад – порача Гатузо.

Поврзани содржини