📷 МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОСТУВА ОД ТРАГИЧНО ЗАГИНАТИОТ ПАНЧО Неговото тело е изложено во црквата „Свети Илија“ во Аеродром

Погребот ќе се одржи во 13:30 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.

5,450

Членови на семејството, роднини, пријатели и фанови на трагично загинатиот македонски поп-пејач Владимир Блажев, попознат како Панчо, денеска за последен пат се простуваат од легендарниот лидер на РнБ бендот ДНК.

Телото на популарниот и омилен музичар е изложено од 10 до 12 часот во црквата Свети Илија во неговата населба Аеродром во Скопје, каде од 12 часот ќе се одржи и опело. По црковната церемонија, телото на Блажев во 13:30 часот треба да биде погребано на Градските гробишта Бутел.






Редица од ужалени влегуваа во црквата Свети Илија да го кажат последното збогум за саканиот Панчо, а меѓу нив беа и многу јавни личности од естрадата, пејачи, водители.

Владимир Блажев Панчо е последната, 63-та жртва на страшната трагедија што се случи пред седум месеци во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде за време на концерт на ДНК дојде до пожар во кој животот го загубија повеќе од 60 претежно млади луѓе, а околу 200 беа повредени. Трагедијата остави длабока трага во целото општество, а голем број млади засекогаш ќе ги носат последиците од таа ужасна несреќа.

Со денови, блиските на Панчо, негови познаници и фанови, луѓе од естрадата и јавниот живот, се простуваат преку социјалните мрежи со трагично загинатиот млад музичар.

„Кочани нека не се повтори никогаш повеќе. Цела земја, сите што ве сакаа, нема да ве заборават. Нека Панчо почива во мир, заедно со сите оние млади животи што згаснаа во таа кобна ноќ“ – напиша емотивно неговиот колега музичар Никола Перевски Пере од групата Нокаут.

 

Фото: Борјан Јорданоски
Поврзани содржини