МАКЕДОНИЈА САКА БЛИСКИ ОДНОСИ СО ПАРТНЕРИТЕ Заедно со Катар имаме огромен потенцијал за развој на одбранбената соработка

Од Министерството за одбрана информираат дека двајцата соговорници, зборувајќи за безбедносната состојба во светот, се согласиле дека дијалогот е најкусиот пат кон мирот и стабилноста.

265

Северна Македонија како земја – членка на НАТО сака да развива блиски одбранбени односи со важните партнери на Алијансата, како што е Катар.

Оваа прва средба е само почеток на една плодна соработка на која сме исклучително посветени и убедени дека има огромен потенцијал, истакнала министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со вицепремиерот и државен министер за одбрана на Катар, Халид Бин Мохамед Ал-Атија, кој престојува во прва официјална посета на Северна Македонија.






Од Министерството за одбрана информираат дека двајцата соговорници, зборувајќи за безбедносната состојба во светот, се согласиле дека дијалогот е најкусиот пат кон мирот и стабилноста.

– Ја цениме улогата на Катар во унапредувањето на глобалната безбедност. Би сакала да изразам најдлабока благодарност за помошта и поддршката од Катар минатиот септември, при евакуацијата на македонските граѓани од Авганистан – нагласила министерката Петровска.

Потенцирала дека Северна Македонија е подготвена да продолжи со интензивните контакти за усогласување и потпишување на меморандум за соработка во областа на одбраната со Катар, не само како правен документ, туку како конкретен план на активности за соработка.

– Потенцијалот за блиска одбранбена соработка е навистина голем. Армискиот полигон „Криволак“ нуди одлични можности за вежби и обуки кои ќе бидат од корист и за двете вооружени сили. Имајќи го предвид негативното влијание на дезинформациите и лажните вести, во Министерството развиваме Центар за справување со овие закани и тоа може да биде уште една одлична можност за билатерална соработка – посочила министерката.

Петровска истакнала дека Северна Македонија и Армијата се отворени за соработка во доменот на Центарот за обука на пилоти и заедничките инвестиции во инфраструктурата.

Катарскиот вицепримиер и државен министер за одбрана Ал-Атија порачал дека Северна Македонија е важен пријател и партнер на Катар и изразил подготвеност за продлабочување на одбранбената соработка.

Тој го честитал членството на Северна Македонија во Алијансата и се согласил дека можностите за развивање на соработката во одбраната се извонредни, а неговата неколкудневна посета на Северна Македонија ќе придонесе кон конкретизирање на областите на соработка.

Во рамки на посетата, делегацијата од Катар ќе го посети и армискиот полигон „Криволак“, а ќе има средби и со највисокиот државен врв на Северна Македонија.

Катар е дел од Истанбулската иницијатива за соработка на НАТО, а практичната соработка на Алијансата со оваа држава се остварува преку Индивидуална програма за партнерство и соработка и преку програмата „Наука за мир и безбедност“ фокусирана на напредната технологија поврзана со сајбер безбедноста. Истанбулската иницијатива за соработка е креирана на Самитот на НАТО во 2004 година и освен Катар, во оваа иницијатива членуваат и Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.

Поврзани содржини