МАКЕДОНИЈА ИМА ПОВЕЌЕ АВТОБУСИ ОД НЕКОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ Еве каде сме на листата според Евростат

Иако над европскиот просек по број на автобуси и со брза обнова на возниот парк, Македонија и натаму заостанува со електрични и еколошки возила.

429

Иако често се смета за земја со застарен јавен превоз, Македонија во 2024 година се најде над европскиот просек по број на автобуси по жител, покажуваат најновите податоци на Евростат и Државниот завод за статистика.

Со 3.690 автобуси и моторни автобуси, Македонија има по два автобуси на 1.000 жители, што е повеќе од европскиот просек од 1,6 автобуси на 1.000 жители. Во Европската Унија, во 2024 година биле регистрирани вкупно 737.142 автобуси, вклучувајќи тролејбуси и минибуси.






Македонија пред Германија и Холандија

Податоците покажуваат дека Македонија се наоѓа пред неколку големи европски економии. Холандија има само 0,5 автобуси на 1.000 жители, Германија 1, а Австрија 1,2. Највисока стапка во ЕУ има Малта со 4,6 автобуси, пред Луксембург (4,0) и Естонија (3,7).

Во регионот, Македонија е во златната средина зад Албанија (3,8), Романија (3) и Бугарија (2,8), но пред Србија (1,8), Хрватска (1,5) и Босна и Херцеговина (1,3).

Возниот парк во Македонија се подмладува побрзо од ЕУ

Особено значаен е податокот за обнова на автобускиот возен парк. Во 2024 година, во Македонија биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2%, речиси двојно повеќе од европскиот просек, кој изнесува 5,1%.

Во Европската Унија, најголема обнова има Луксембург (11,6%), додека на дното се Бугарија (0,7%), Полска (2,4%) и Унгарија (2,5%).

Сè уште доминира дизелот

И покрај обновата, еколошката слика останува проблематична. Од вкупно 3.690 автобуси во Македонија, дури 3.609 се на дизел или 97,8%. Само 63 автобуси се на бензин-гас (1,7%), а електрични се само 15, односно 0,4% од вкупниот број.

За споредба, во ЕУ во 2024 година биле регистрирани 6.746 автобуси со нулта емисија, што претставува 17,8% од сите нови автобуси, процент повисок дури и од електричните патнички автомобили.

Повеќе автобуси, помалку автомобили – македонскиот парадокс

Додека бројот на автобуси по жител во Македонија е релативно стабилен, бројот на автомобили во Европа драстично расте. Во ЕУ, бројот на патнички автомобили се зголемил од 506 на 578 возила на 1.000 жители во последната деценија.

Македонија, со 319 автомобили на 1.000 жители, сè уште е под европскиот просек, но бележи силен раст – од 180 автомобили во 2014 година на сегашното ниво.

Експертите предупредуваат дека токму тука се крие шансата: повеќе инвестиции во модерен и чист јавен превоз, наместо следење на европскиот тренд на сè поголема автомобилска зависност.

Поврзани содржини