МАКЕДОНИЈА ОТВОРЕНА ЗА БЕГАЛЦИТЕ ОД АВГАНИСТАН Ќе бидат сместени во хотели, а ќе плати САД
Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите, вели Заев.
Македонија е спремна да прифати бегалци од Aвганистан со цел да се спасат животите на локалното население, изјави премиерот Заев, откако талибанските борци ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата.
Во изјава за Канал 5 Заев информира дека државава може да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а трошоците би биле покриени од САД. Оваа изјава следи откако и премиерот на Албанија Еди Рама рече дека државата ќе прифати стотици бегалци од Авганистан.
– Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и да прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан – изјави премиерот за Канал 5.
Тој вели дека заеднички со САД ќе се планираат идните чекори за натамошното постапување.
– Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Во Авганистан во овој момент имаме и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација, тие се чувствуваат безбедно, а компаниите за кои работат имаат обезбедено планови за евакуација. Исто така, пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Македонија – вели Заев за Канал 5.