МАКЕДОНИЈА ОД СЛЕПО ЦРЕВО ДО ТРАНЗИТЕН ЦЕНТАР ЗА ГАС НА БАЛКАНОТ Новиот закон за енергетика гарантира брз напредок, посочи Манасиевски

Членот на Централниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, посочи дека со новиот 400 киловолтен трансформатор во Битола 2 се зајакнува енергетската стабилност на југозападот на државата. Тој нагласи дека Македонија, по една година напредок, се движи кон целта да стане нето извозник на електрична енергија.

973

По 7 години на застој и на злоупотреби во енергетскиот сектор, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја почнува првата година на работа, развој и на напредок, изјави членот на Централниот комитет на партијата, Валентин Манасиевски. Македонија, посочи тој, од „слепо црево“ на енергетската карта се трансформира во клучен транзитен центар за природен гас на Балканот.

Манасиевски посочува дека со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, се отвора пат за снабдување на Србија и на Средна Европа со гас од ТАП гасоводот и од ЛНГ терминалот во Александропулис. Ова, според него, ќе овозможи транзит на до 3 милијарди нормални кубни метри гас во правец југ-север, што значително ќе придонесе за енергетската диверзификација на регионот, со фокус на гас од американско, азербејџанско и од друго потекло што не е руско.






Во обраќањето, Манасиевски нагласи и дека Владата го зголемила концесискиот надомест за рудниците, што, како што посочи, резултирало со два и пол пати повисоки приходи за државниот буџет во однос на минатата година.

Дополнително, донесен е нов Закон за енергетика кој, тврди тој, гарантира стабилност и развој на системот по светски стандарди. Меѓу клучните новини е и обврската фотоволтаичните централи да вклучат батериски системи за складирање електрична енергија, што ќе придонесе за стабилен енергетски систем.

Манасиевски посочи дека на терен веќе се гледаат резултати – во Битола 2 е инсталиран нов трансформатор од 400 киловолти, со што се зајакнува енергетската стабилност на целиот југозападен регион.

– Една година ја движиме Македонија напред на енергетско поле. Една година Македонија реди победи. Следуваат години на раст и развој. Македонија од увозник ќе стане нето извозник на струја – вели Манасиевски.

Тој ја заокружува пораката со порака дека „најдоброто допрва доаѓа“, најавувајќи дека се поставуваат темелите на новата енергетска реалност, со визија Македонија да стане лидер во регионот.

Поврзани содржини