Македонија очекува 200.000 вакцини од кинескиот „Синофарм“
Веднаш штом добиеме податоци во однос на точниот датум на пристигнување на вакцините, јавноста ќе биде информирана, велат од Министерството.
Македонија очекува месецов да добие 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, потврди за Плусинфо Министерството за здравство.
– Во текот на овој месец очекуваме да ги добиеме првите 200.000 дози на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Со првата пратка ќе започне имунизацијата на населението во земјава. Веднаш штом добиеме податоци во однос на точниот датум на пристигнување на вакцините, јавноста ќе биде информирана – велат од Министерството.
Оттаму соопштија и дека земјава во март ќе добие вакцини од „АстраЗенека“ за кои има доста реакции дека не треба да се даваат на лица постари од 65 години поради недоволната испитаност на вакцината на таа возрасна популација.