МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ, АМА ТИЕ ЌЕ СИ ВЛЕЗАТ САМИ? Расте евроскептицизмот кај младите

Приближно 60 отсто од испитаниците оцениле дека евентуалното членство на Македонија во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите луѓе.

921

Мнозинството млади луѓе во земјава гледаат позитивно на ЕУ, но речиси половина не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата, што го потврдува растечкиот евроскептицизам кај младите во земјите кандидати за членство во блокот, се наведува во публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“.

Според анкетата, 41 отсто од младите во земјава „позитивно“ ја перципираат Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење за неа, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот.






Во однос на тоа што буди најголем интерес кај младите во државава во врска со ЕУ, дури 76,2 отсто ги навеле можностите за работа и живот во Унијата. По ова следуваат програмите за образование и млади, како што е Еразмус+, со 55,1 проценти, а на трето место со 50 отсто се заштитата на човековите права.

Интересен податок е и дека приближно 60 отсто од испитаниците оцениле дека членството на земјата во ЕУ нема да ја намали емиграцијата на младите луѓе.

Според анкетата, над 70 проценти од анкетираните за себе рекле се дека се „општествено неактивни“, а само околу осум отсто изјавиле дека учествуваат во политички или граѓански иницијативи.

Само 8,2 проценти од младите луѓе во земјава веруваат дека таа ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години

„Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на младинскиот евроскептицизам. Затоа е потребна итна партнерски координирана и долгорочна акција во земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика, ќе ги адресира економските и институционалните бариери, ќе ги поврзе младите луѓе со конкретни европски програми, содржини и платформи и ќе ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и транспарентна, се наведува во публикацијата.

За потребите на публикацијата кон крајот на јуни 2025 година во соработка со студентската платформа „Студентарија“ е спроведена анкета со која биле опфатени 1.000 млади луѓе од земјава, од кои 81,5 отсто студенти на додипломски или постдипломски студии, како дел од пошироката анализа на ставовите на младите кон Европската Унија, изработена со учество на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУEП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и либералната Фондација „Фридрих Науман“.

Публикацијата беше промовирана минатата недела во Брисел, а кон крајот на месецов е предвидена нејзина промоција во Скопје. Предвидено е публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата, како и да биде доставена до владините институции и претставници.

Поврзани содржини