Македонија нема да се гордее со оваа бурлеска!

Ова се 7 факти и исто толку лаги и манипулации, лиферувани во текот за вчерашниот ден, кога во рок од само неколку часа Сашо Мијалков беше ослободен од еден притвор и му беше определен нов притвор.

12,195

Што велат фактите, а што лагите и манипулациите, за вчерашната судско-обвинителска бурлеска, во која во еден ден, во период од само неколку часа, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше ослободен од притвор и потоа му беше доделен нов притвор?

1. Вистина е дека Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11.106.501 евро, со која Судот мерката притвор ја преиначи во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд.






Лага е дека Мијалков гаранцијата ја понудил во кеш. Неправосилно осудениот Мијалков добил кредит од банка, за што понудил хипотека на свој имот како обезбедување на кредитот. Банката можела да одлучи вака или онака, но во секој случај не можела да прифати обезбедување на кредитот да биде незаконски стекнат имот.

Со тоа сите дебати за начинот на кој е стекнат имотот даден под хипотека се сведуваат на шпекулации. Кој сака со ова да спори, мора да се обиде да докаже дека наведениот имот е стекнат незаконски. Поинаку не може.

2. Вистина е дека Апелацискиот суд донел одлука што може да се нарече контроверзна, со оглед на фактот што Мијалков за предметот „Трезор“ е неправосилно осуден на 8 години затвор (за овој предмет е донесена одлуката за ослободување од притвор), а тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет-тврдина“, со која е осуден на 12 години затвор.

Сепак, не е вистина, туку манипулација, тврдењето дека судиите постапиле спротивно на законот. Тие постапиле по сопственото судиско убедување, а еден од тројцата судии што решавале го издвоил мислењето.

Шпекулација, или јавна тајна, за која инаку не се пишува многу, е и тврдењето дека судијата што го издвоил мислењето е под силно влијание на сдсмовскиот дел од актуелната власт. Таа шпекулација води кон нова, имено кон одговорот на дилемата кој ја извадил вчера попладне обвинителката Лиле Стефанова буквално од пижами, за итно да поднесе барање на Мијалков да му биде определена мерка притвор за „Плацеви на Водно“.

3. Вистина е и тоа дека вчера попладне се судриле влијанијата на два центра на политичка моќ врз обвинителско-судскиот апарат. Вистина е дека едниот центар е СДСМ. Таа партија дури и јавно се огласи со соопштение, кое претставува отворен и директен притисок врз судската власт.

Лага е дека вториот центар на моќ е ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија нема речиси никакво влијание врз обвинителите и врз судиите и тоа им е познато на сите. Таа лага е лиферувана за да се прикрие една друга претпоставка за тоа која би можел да биде политичката сила што евентуално извршила влијание да се донесе одлука Мијалков да биде ослободен од притвор.

Настрана од ова, мојата лична претпоставка е дека во овој случај двајцата судии, или најмалку едниот од нив двајцата, донел одлука по сопствено убедување.

4. Вистина е дека во светот, за финансиски криминал, во текот на постапките во принцип не се определуваат мерки притвор, туку се инсистира на обезбедување со високи суми кои ја покриваат настанатата материјална штета. Понудената кауција за ослободување на Мијалков неколкукратно го надминува отштетното побарување.

Лага е тврдењето дека во случај на евентуално бегство на Мијалков, државата не би можела да ја реализира гаранцијата. Во случајов, гарантира банката.

5. Вистина е дека пред извесно време, Мијалков, во една несекојдневна драмолетка, ја вознемири јавноста со неговото чудно и се уште до крај необјасенто краткотрајно исчезнување и потоа враќање во земјата.

Лага е дека тоа наводно бегство можело да биде причина судиите да се предомислат во поглед на одлуката за ослободување на Мијалков од притвор. Зошто? Затоа што таа драмолетка се уште не е формално потврдена како бегство. Затоа и велам „наводно бегство“. Обратно, истрагата за овој настан заврши со објаснување дека бегство, всушност, немало.

6. Вистина е дека министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски ги пречекорија своите службени овластувања и се впуштија во коментирање судска одлука од позиција на владини министри, игнорирајќи го системот на поделба на власта и вршејќи така директен притисок врз судската власт. Нивната оценка дека контроверзната судска одлука „ја поткопува довербата во судскиот систем“ е политичка квалификација.

Лага е дека Маричиќ и Николовски имаат право да искажат лично мислење на социјалните мрежи, надвор од својата формална позиција на министри. И дека тоа не било притисок врз судската власт. Не постои начин јавен функционер на таков начин да го одвои своето приватно од службеното својство. Таа теза е обична манипулација, за да се прикрие сериозната злоупотреба на функцијата, после која, во нормални околности, би морало да уследи најмалку политичка, а веројатно и кривична одговорност.

7. Вистина е дека голем дел од јавноста не му е наклонет на Сашо Мијалков. За негова жал, нема многу причини да биде поинаку. Во отсуство на поранешниот премиер Никола Груевски, тој и бизнисменот Орце Камчев (кој лежи во незаконски притвор за „Плацеви на Водно“, подложен на сериозни ризици по неговото здравје), пропагандата на владата на Зоран Заев ги означи како таргети за одмазда и за дивеење на револуционерната „правда“.

Лага е дека сите коментари надвор од овој шаблон – а особено коментарите кои повикуваат на почитување на законите, на принципите во правото познати со векови, но и на актуелната судска пракса во Европа и на постојаните укажувања на Европскиот суд за човекови права и на други независни институции до Македонија – биле во служба на криминалот.

Постои една мала група луѓе, во кои се вбројувам и себеси, иако не сум правен експерт, кои отворено укажуваат на овие слабости и недоследности, без оглед што тие се најизразени во судските случаи на кои нашите модерни јакобинци им „судат“ на познати личности од пропагандата означени како „мафија“. Нападите врз тие одговорни луѓе од страна на пропагандата на Заев покажуваат дека во оваа земја сѐ уште немаме независно судство и вистинска правда што треба да им донесе мир и спокојство на луѓето.

 

Поврзани содржини