Ова е единствен исправен пат ако сакаме пристојна и, би рекол, здодевна европска демократија. Заради нашата подобра иднина, очекувам масовно гласање уште на 24-ти зашто тој резултат ќе ни каже кој ќе биде победникот и на 8 мај, рече кандидатот за втор претседателски мандат Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Прилеп.
Во првиот негов мандат кој, рече, бил во прилично тешки години со пандемија и ненаклонет меѓународен контекст, и покрај сите околности земјава стана членка на НАТО.
Зачленувањето во Алијансата, според него, е „работа еднаква на референдумот за независност во 1991“, со што веќе никој не може да „си игра играчки“ со нашиот интегритет и суверенитет.
– Се погодија луѓе што успеаја тоа да го направат, и тоа се луѓе од структурата во која сум и јас. Го зацементиравме македонискиот јазик и идентитет – истакна Пендаровски.
Тој порача дека ќе бидеме и членка на ЕУ и „може да бидеме како Словенија но ни треба слога“ и „само ако не се глодаме меѓу себе“ ќе имаме стандард, високи плати и мала невработеност, што ќе ги спречи младите да се иселуваат зашто и овде ќе имаат достоинствен живот.
Ако Македонија во догледно време не стане членка на ЕУ, рече тој, сами не ќе можеме да го спречиме во поголем процент иселувањето.
– Затоа е императивно на достоинствен начин да влеземе во ЕУ. Не треба да ни се одземе кои сме и што сме, јазикот и идентитетот ни се гарантирани…Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете 1, Македонија не смее да се враќа назад, туку да оди само напред – истакна Пендаровски.
На прилепчани им соопшти дека, според број на жители, од Прилеп имал најмногу потписи за неговата кандидатура.