Македонија не размислува за карантин за повратниците од море
Од Министерството за здравство велат дека засега нема изолација за граѓаните кои се враќаат од одмор и престој во друга држава, но ситуацијата се следи.
Здравствените власти засега не размислуваат за воведување карантин за граѓаните кои се враќаат од одмор, но ја следат состојбата и ќе постапат зависно од епидемиолошката состојба во земјата и регионот.
Србија, пак, во понеделник треба да донесе одлука дали нејзините граѓани кои се враќаат од одмор, ќе мора да одат во изолација. Оттаму доаѓаат информации дека ваква мерка може да биде преземена за туристите кои се враќаат од Црна Гора, но не се изземаат и другите земји од регионот и земјава, бидејќи бројот на новозаразени со ковид-19 во сите земји расте.
Од нашето Министерството за здравство велат дека засега нема изолација за граѓаните кои се враќаат од одмор и престој во друга држава.
– Комисијата за заразни болести континуирано ја следи состојбата како во државата, така и во регионот и околните земји и постапува во зависност од развојот на епидемиолошката состојба – објаснуваат од Министерството за здравство.
Неколку илјади граѓани од земјава деновиве се одмораат во странство. Најголем дел од нив, според податоците на туристичките агенции, се во Албанија, потоа во Турција и во Египет. Овие дестинации за граѓаните се најевтини бидејќи покрај другото за патување во нив не се бараат ПЦР тестови за ковид-19, но и цените и услугите се по мерка на нашите сограѓани.
– Ако во изминатиот период над 400.000 македонски граѓани се одмораа во Грција, годинава високи се бројките на граѓани кои се преориентираа кон Албанија. Моите податоци говорат дека 70 отсто од странците што летуваат во Албанија се туристи од земјава. Слободен пристап до море има и во Турција каде што годинава има повеќе туристи. Само 2.000 туристи заминаа со чартер летовите кои беа организирани, а има и агенции кои ги превезуваат со автобуси. Ваквата промена на интересот на нашите граѓани имаме бидејќи Грција како членка на Европската Унија и Шенген зоната ги затвори вратите за земјите кои се на црната листа меѓу кои и нашата – вели Дончо Нацевски од „Арботравел“.
Туристичките работници велат дека Хрватска и Црна Гора доцна ги отворија вратите за земјава, па таму скоро и да нема македонски туристи.
– Дел од туристичките организации се определија за Египет. Има мал број на туристи и таму, но според мене, таа земја е една од најризичните за летување годинава – вели Нацевски.
И директорот на туристичката агенција „Генералтурист“, Аркан Керим, вели дека годинава македонските граѓани се најбројни на албанското крајбрежје.
– Сите отидоа во Албанија годинава. Најблиску им е, нема тестови, и велат, се задоволни и изненадени од услугата што ја добиле. И за Турција има, но таму традиционално одат секоја година одредена бројка на македоснки граѓани. Моментално не можам да кажам колку граѓани се одмораат во овие две земји, бидејќи повеќе агенции имаат аранжмани – вели Керим.
Според податоците кои дневно ги објавува порталот www.worldometers.info за заболените од ковид-19, дестинациите во кои летуваат македонските граѓани не се многу побезбедни од земјава каде што им беше препорачано од властите да го поминат годишниот одмор. Храброста или хирот многумина од нив ќе ги чини можеби заразување со ковид-19, но желбата да се помине одморот на море овојпат е посилна од причината да се зачува здравјето.
Во Албанија, каде што најмногу патуваат туристите од земјава моментално има над 4.190 активни случаи на ковид-19, во Турција бројката е 24.153 активни случаи, додека во Египет има 13.370 активни случаи. И во сите земји има дневен пораст на новозаразени, но бројки на новозаразени во денешниот билтен од овие земји нема на наведениот сајт.