МАКЕДОНИЈА НЕ ОТСТАПУВА ОД КОНЦЕПТОТ „ЕДНА КИНА“ Спикерот Гаши ја прими кинеската амбасадорка
Претседателот Гаши беше дециден дека релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот „Една Кина“ – соопшти собраниската прес-служба
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се сретна со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан, на која ги потврдил одличните односи меѓу Скопје и Пенинг и изразил поддршка на концептот „Една Кина“.
Како што информираат од собраниската прес-служба, станува збор за прва средба на Гаши со кинеската амбасадорка.
„Претседателот Гаши беше дециден дека релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’. Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира Пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу Парламентите на двете држави“, рекол собранискиот спикер на средбата со кинеската амбасадорка.
На средбата било посочено дека соработката меѓу двете земји се одвива на сите полиња – од економија, инфраструктура, бизнис, до образование, култура и спорт, а во насока на нивно продлабочување биле и иницијативите и заложбите на амбасадроката Сиаојан.
Инаку, средбата доаѓа само два дена по средбата што во парламентот ја имаа пратеникот и потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски и неговите двајца колеги – пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, со делегација на Тајван предводена од шефот на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим – Италија, Винсент Цаи.
Средбата на тројцата пратеници со тајванската делегација го налути официјален Пекинг, кој со отворено писмо на Амбасадата во Скопје остро реагираше до потпрестседателот на Собранието, Антонијо Милошоски.