„МАКЕДОНИЈА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОДИ БЕЗ КОМПАС“ Ова е битка на морал, порача Филипче од Струмица и од Радовиш
Јас не го делам народот на наши и ваши. Верувам дека секој човек во оваа земја мора да се почитува и да му се помогне. Верувам дека патриотизам не е да создаваш поделби и страв, туку да го обединиш народот околу заедничка цел. Патриотизам е да водиш политика што ги штити луѓето, да подадеш рака на најслабите и да им се спротивставиш на моќните, изјави лидерот на СДСМ во Струмица. Претходно, тој се обрати и на трибина во Радовиш.
„Година ипол премиерот Мицкоски ја води владата и државата без компас и без човечност, Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција.
Вака изјави претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на митингот што се одржа во Струмица. Филипче тврди дека Владата на Мицкоски за година ипол на власт и не направила ништо. Затоа, Филипче смета дека претстојните избори закажани за следната недела не се обични избори, туку морална битка за Македонија.
– Власта ја клекна економијата на колена, го заборави народот и го остави со уништен животен стандард. Го закочи патот напред кој СДСМ му го остави отворен – рече Филипче.
Во обраќањето Филипче праша што очекува премиерот Мицкоски после ваквиот колапс на државата.
– Човек што не поднесува критика и затоа секојдневно понижува, напаѓа и навредува. Човек кој се жали дека сите го мразеле – а цела година ги нарекуваше луѓето глодари, лешинари, предавници. Се прашувам – што точно очекува Христијан Мицкоски? Дека народот ќе му аплаудира додека го понижува? Дека ќе го сакаат додека ги плаши и дели? Дека ќе го следат додека гледа само за себе, а ги игнорира барањата на граѓаните, на работниците, на земјоделците? – рече Филипче.
При тоа, тој додаде дека единствената стратегија на премиерот Мицкоски е за секој свој неуспех да ги обвинува другите.
– Да каже дека сите други се криви – само тој не. Дека Македонија ја уништиле другите – а тој не можел сега ништо да направи. Кажува дека државата е заложник, а тој е жртва на хибридни напади, странски служби и стотици измислени приказни за да ја покрие својата неспособност. Но да зборуваме реално, што направи ВМРО-ДПМНЕ за една и пол година централна и четири години локална власт? Ниту една реформа, ниту една нова визија, ниту еден план за младите, ниту еден концепт за економијата – рече Филипче и додаде дека состојбата во државата што се случува поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ не е само политички проблем, туку ова поведение на власта е државна закана.
– Јас сум човек што 25 години работел со луѓе. Сум ги гледал во очи кога им било најтешко во болница, во операциона сала, во моменти кога надежта и стравот се спојуваат во едно. Верувам дека на секој мора да му се помогне – порача Филипче.
Тој истакна дека политиката не смее да биде борба за власт, туку должност кон луѓето и нивните животи.
– Јас не го делам народот на наши и ваши. Верувам дека секој човек во оваа земја мора да се почитува и да му се помогне. Верувам дека патриотизам не е да создаваш поделби и страв, туку да го обединиш народот околу заедничка цел. Патриотизам е да водиш политика што ги штити луѓето, да подадеш рака на најслабите и да им се спротивставиш на моќните.
Во своето обраќање, претседателот на СДСМ, ја истакна потребата од институции кои работат за граѓаните, а не за партиските интереси.
– Јас верувам во институции што служат на народот. Затоа верувам во реформи, а не во политиканство. Верувам во Македонија што оди напред, а не се враќа назад во реваншизам и конфликти.
Филипче исто така нагласи дека зад него стои голема организација со историска тежина и јасна визија за иднината.
– И не сум сам. Зад мене стои СДСМ, партија што ја донесе независноста, што го обезбеди мирот и државноста, партија што ја внесе Македонија во НАТО, што ги отвори вратите кон Европа. Партија што, со сите свои маани, никогаш не се откажа од патот кон слобода, еднаквост и напредок – додаде тој.
Претходно, Филипче на митинг во Радовиш порача дека ВМРО-ДПМНЕ ги третира општините како гранапчиња за партиски бизниси.
– За четири години ВМРО-ДПМНЕ општините си ги присвоија како нивни лични гранапчиња за бизнис, а на централно ниво државата ја вратија 100 чекори назад.
На граѓанската трибина тој истакна дека СДСМ секогаш ја бранела државата како дом за сите, не како лична сопственост на некои.
– Денес, кога државата се соочува со политички поделби, со лажна реторика и манипулации, нашата борба е за враќање на достоинството, правдата и вербата во институциите.
Лидерот на СДСМ во своето обраќање рече и дека она што ги разликува социјалдемократите од ВМРО-ДПМНЕ е, како што вели, системот на вредности врз кој се темели нивната политика, затоа СДСМ секогаш била со граѓаните и вистински се грижела за нивните интереси и за иднината на државата.