МАКЕДОНИЈА НЕ Е СТЕБЛО БЕЗ КОРЕН Вкоренета е во демократските и хумани визии на Делчев и соборците, рече претседателката од Мечкин Камен
Сиљановска ја реафирмираше решеноста до 2030 година да стигнеме до целта, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Таа ја истакна вековната македонска борба за самостојна и суверена држава чии темелни вредности и принципи се запишани во Крушевскиот Манифест како Magna Carta Libertatum.
За неа, легалноста и легитимноста на самостојната и независна Република Македонија од 1991 година, како израз на правото на самоопределување, е неспорна.
Претседателката ја реафирмираше решеноста до 2030 година да стигнеме до целта, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми.
– На овој празник над празниците се потсетуваме на вековната македонска борба за самостојна и суверена држава. Нејзините темелни вредности и принципи, со крв се запишани во возвишената Magna Carta Libertatum ̶ Крушевскиот манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост и соживот. Тука, на Мечкин Камен, за нив се жртвувале Питу Гули и неговите соборци, задолжувајќи ги сите следни македонски генерации на вечна благодарност, овековечена во химната пред којашто со почит стоиме и денес! Веројатно, нема човек кој не се запрашал: Како безвременските републикански идеали се нашле во нашиот манифест? Каде се корените на Илинденското востание и на нашата Крушевска Република – нагласи Сиљановска.
Говорејќи за историските аспекти на борбата за ослободување и создавање на независна држава, претседателката ја нагласи важноста од создавањето на Крушевската република.
– Крушевската република била демократска, инклузивна кон различните, но и краткотрајна државна творба. Сепак, не смее да се превиди дека таа е вистинскиот предвесник на македонската нова република: Асномска Македонија! Да ве потсетам: не случајно, на ден Илинден 1944-тата, Панко Брашнаров го отворил првото, државотворно заседание на АСНОМ сеќавајќи се на „оазисот на слободна Македонија – Крушовската Република“. Не случајно, Манифестот на АСНОМ се повикува на континуитетот со илинденската епопеја и Крушевската Република. Не случајно, републиканските и демократски идеали на Крушевскиот манифест се вградени во асномските документи, а преку нив и во темелите на народната македонска држава никната во Народноослободителната борба!, нагласи претседателката на Мечкин Камен и додаде дека Републиката е синоним за слобода, за право, за правда и за рамноправност.
– Републиката постои заради општото добро, заради сите граѓани, без оглед на каква било припадност, за да ни овозможи да напредуваме врз знаење, способност и труд, а не врз основа на статусни привилегии и врски – истакна претседателката.
Зборувајќи за создавањето на самостојна и независна Република Македонија во 1991-та година, таа ги нагласи и проблемите со кои речиси оттогаш се соочува државата и кои се постојано потенцирани од мешународниот фактор како пречка за развој и интеграција во европското семејство.
-Длабинскиот поглед на државата, разоткрива во изминатите години и децении: ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија, како закана за парламентарната демократија, партизирана и политизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина, ги нарушија меѓуетничките и меѓучовечките односи, продуцираа катастрофи и трагедии, стимулираа неединство околу прашањата од национален интерес, за кои единството мора да биде императив! Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас, рече Сиљановска – Давкова.
Таа нагласи дека „ние не сме стебло без корен“ и дека државата е вкоренета во демократските и хумани визии на Гоце Делчев и на неговите соборци. Сиљановска потсети на максимата на Делчев „за светот како поле за културен натпревар на народите“ во контекст на актуелните предизвици во интеграцискиот пат кон ЕУ.
– Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата. Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци. Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми – порача Сиљановска од Мечкин Камен.