МАКЕДОНИЈА НЕ Е ИНТЕРЕСНА ДЕСТИНАЦИЈА НИ ЗА БЕГАЛЦИТЕ ОД УКРАИНА Ние ќе понудиме кревети, а ќе има ли кој да легне?

Иако немаме точни информации како би се одвивала операцијата за прифаќање на украинските бегалци, сепак нашиот првичен став е дека треба да им дадеме поддршка на луѓето и да им понудиме капацитети во рамки на нашите можности. Неофицијално, веќе се издадени задолженија за да се разгледаат сместувачките капацитети, да се согледа функционалноста на тие капацитет и можноста за нивно ставање на располагање, брифираат за Плусинфо од Владата.

986

Засега не знаеме дали и колку украински бегалци ќе пристигнат во нашата земја. Денеска ќе се одржи владина седница на којашто ќе биде поставено тоа прашање и се надавеме дека во текот на денот ќе имаме точна информација дали, кога и во колкав број бегалци од Украина ќе пристигнат во Македонија, велат од Владата за Плусинфо.

Оттаму не откриваат колкави сместувачки капацитети може да понуди земјава за украинските бегалци, но потенцираат дека Македонија е солидарна држава и дека македонскиот народ секогаш е подготвен да им помогне на оние коишто се во неволја.






– Иако немаме точни информации како би се одвивала операцијата за прифаќање на украинските бегалци, сепак нашиот првичен став е дека треба да им дадеме поддршка на луѓето и да им понудиме капацитети во рамки на нашите можности. Неофицијално, веќе се издадени задолженија за да се разгледаат сместувачките капацитети, да се согледа функционалноста на тие капацитет и можноста за нивно ставање на располагање – брифираат од Владата.

Дека би можело да се очекува во земјава да пристигнат украински бегалци прва потврди министерката за одбрана Славјанка Петровска, а како што истакна, најверојатно ќе се искористат капацитетите на Министерството за одбрана кои биле користени и во претходните бегалски кризи.

– При ваква воена агресија нормално е да се очекува огромен бран бегалци од Украина. Точната рута на движење на бегалците засега не се движи кон нашата земја, но апсолутно ние сме солидарни со случувањата и ќе понудиме капацитети во рамки на нашите можности – истакна Петровска.

Од здружението на Украинците во Македонија велат дека засега нашата земја не е на патот на украинските бегалци.

– Внимателно ги следиме случувањата околу бегалската криза, но засега не ни пристигнале најави дека бегалци од Украина ќе пребегаат во Македонија – посочуваат од здружението „Лесја Украинка“.

И од Амбасадата на Украина потврдуваат дека заклучно со 28 февруари, немало искажано интерес кај украински државјани за доаѓање во земјава.

Расположени да пружат помош се и македонските хотелиери, а претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажевски, посочи дека околу 6.000 легла би можеле да бидат ставени на располагање доколку има потреба за сместување бегалци од Украина. Бројката на легала, додава тој, би била многу поголема доколку се вклучат и сопствениците кои нудат приватно сместување.

Капацитети за сместување бегалци има и во прифатно-транзитните центри „Винојуг“ на јужната и „Табановце“ на северната граница, кои беа најактуелни за време на бегалско-мигрантската криза во 2015 година. Центрите можат да обезбедат сместување за вкупно 971 лице. Капацитетот може да се прошири до 2.000 легла во итни ситуации, а не треба да се заборави и Центарот за азиланти во Визбегово, чијшто капацитет е малку искористен во последниве години.

Кога и кому сме помогнале?

1991 година – По падот на комунистичкиот режим во Албанија, околу 1180 лица, претежно од пограничните региони, побараа заштита во земјава. Сите овие лица беа сместени во прифатилишта во Ресен, Охрид и во Струга. По надминување на состојбите во Албанија, голем број од нив се вратија назад, додека помал дел, претежно од подрачјето на Мала Преспа останаа во државата.

1992 година – Околу 35.000 лица кои бегаа од кризата во Босна и Херцеговина пристигнаа во Македонија. Сите тие луѓе беа сместени во вкупно 7 колективни центри ширум државата, но и по домаќинствата.

1999 година – Како последица на кризата во Косово, околу 360.000 лица главно етнички Албанци побараа меѓународна заштита во Македонија. Тогаш, околу 234.000 лица беа сместени по семејства, а останатите 126.000 престојуваа во 8 колективни центри изградени за таа намена.

2014-2015 година – Огромен прилив на бегалци и мигранти е забележан од земјите како Сирија, Пакистан, Авганистан. Бегалците транзитираа низ територијата на Македонија кон земјите членки на Европската Унија. Од јуни 2015 година до крајот годината македонските власти пребројаа 388.233 бегалци кои транзитирале низ државата. Со одлука на Владата т.н. балканската миграциска рута официјално беше затворена во 2016 година.

2021 година – Земјава ги отвори вратите за бегалците од Авганистан кои ја напуштија земјата откако талибанците заземаа голем дел од неа.


660.000 луѓе ја напуштија Украина

Повеќе од 660.000 луѓе ја напуштиле Украина откако Русија почна да ја напаѓа земјата, според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

– Сега имаме над 660.000 бегалци кои избегаа од Украина во соседните земји само во последните шест дена – рече портпаролката на УНХЦР Шабија Манто.

Според ОН, најмногу бегалци има во Полска, а потоа следат Унгарија, Молдавија, Романија и Словачка.


Добредојден е секој што бега од бомбите на Путин

Европската комисија денеска предложи активирање на Директивата за привремена заштита на украинските бегалци, со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование.

– Европа стои до оние на кои им е потребна заштита. Секој што бега од бомбите на Путин е добредојден во Европа. Ќе обезбедиме заштита за оние кои бараат засолниште и оние кои бараат безбеден пат до дома – изјави шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Сите граѓани на Украина и лицата кои се населиле во Украина, како и членовите на семејствата на прогонетите ќе имаат право на заштита низ Европската Унија.

Поврзани содржини