Македонија може да им држи лекции по човекови права на Грција и на Бугарија
Aј да не му се мешаме на Маричиќ во мислата, сепак тоа е негова внатрешна работа. Но, нас, кои сме надвор од неговиот замислен свет, таа "мудрост" сепак ќе нè чини многу.
„Нема да се мешаме во внатрешната политика на Бугарија за тоа какви малцинства има“ – изјава на Бојан Маричиќ, нешто во новата влада.
Оваа “мудрост” доаѓа по изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека во Бугарија нема македонско малцинство.
И нема, на хартија. На истата хартија на која Бугарија седум пати губи пред Европскиот суд поради нерегистрирањето на на ОМО „Илинден“ како здружение на Македонците во Бугарија. Додуша и турското малцинство е намалено, што со депортација, што со асимилација, што во логорите во 80-тите, ама нема да мешаме и други држави во ова, затоа што ние не се мешаме никаде.
Нема да ја мешаме историјата, неа ќе им ја оставиме на историчарите. Нема да ја мешаме ни иднината, таа ќе им ја оставиме на германските или на малтешките власти, тие да му ја мислат за нашите идни генерации.
Нема да се мешаме во мешањето на Бугарија во македонската дијаспора во Албанија, каде што се обидуваат да ги асимилираат на најразлични начини и да покажат дека нема Македонци во Албанија иако имаат и партија и градоначалник, а има и Македонец во албанското собрание.
Нема да се мешаме ни во грчката внатрешна политика, ни таму не се признаваат Македонците како малцинство, ни по Преспа, ни после Преспа. Толку долго се бркани од таму, на сите начини, што им стана навика само по дома да се Македонци, без да можат да се идентификуваат како такви во општеството.
Нема да се мешаме ни во изјавите на бугарскиот премиер дека Бугарите како малцинство треба да влезат во Уставот. Не во нивниот, туку во нашиот Устав. Тоа не е мешање во нашите внатрешни политики и не може да се гледа како такво. Затоа што ние и немаме внатрешни политики. Освен ако не се смета континуираната 30-годишна внатрешна политика на уништување, корупција и криминал, агенда зад која можат да застанат сите влади и премиери, а богами и дале добар придонес кон истата.
Поддршката за Македонија во ЕУ е во константен пад во секоја анкета. 61 отсто од Бугарите би сакале да ја видат Македонија во ЕУ, според едно неодамнешно истражување во Бугарија. Тешко е да се поверува дека за Македонија во ЕУ кај нас има толкава поддршка. Не е ни за чудење, откако Македонија константно е тргана на страна во сите проширувања, во доделувањето датуми, константно и е давана лажна надеж која секогаш е изневерувана.
Секогаш завршуваме со тапкање по рамо од големите земји членки и со излитената фраза „На прав пат сте“.
Може и не се далеку од вистината, гледајќи ги нашите соседи во ЕУ. За разлика од нив, во Македонија се признаени малцинските права, Македонија е мулткултурно општество и тоа не е нејзината слабост, напротив тоа е нејзината сила. Македонија може да им држи лекции по човекови права на Грција и на Бугарија, за односот на државата кон малцинствата. Само лекциите би биле залудни за некои кои со децении учат национализам како државна идеологија.
Но, да не му се мешаме на Маричиќ во мислата, сепак тоа е негова внатрешна работа, која нас, кои сме надвор од неговиот замислен свет, ќе нè чини многу.