МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА ПРЕСПИЕ ИНТЕРВЕНЦИЈАТА НА НАТО, АМА СО ДВЕТЕ ОЧИ ОТВОРЕНИ Истекува рокот на Курти, се вжештува состојбата на северот на Косово
Во случај на ескалација на состојбите, Македонија како членка на Алијансата може да учествува, но има и целосно право да се изземе од какво било учество во таа интервенција на НАТО, објаснува Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.
На 1 септември истекува рокот што го даде косовскиот премиер Албин Курти, а кој требаше да послужи за смирување на страстите и постигнување договор околу спроведувањето на наредбата за Србите што живеат на северот на Косово да почнат да користат регистарски таблички на возилата издадени од косовските власти.
Долгогодишните тензии помеѓу Србија и Косово минатиот месец повторно се зголемија токму поради ваквата наредба на Курти, а очигледно, не вродија со плод ниту состаноците што ги одржа косовскиот премиер со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.
Со оглед на тоа што Курти веќе потврди дека не планира да се откаже од намерата воведување косовски регистарски таблички за Србите на Косово, реално би било да се очекува нова ескалација на тензиите во септември.
Интересно е тоа што генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, веројатно обидувајќи се да ги смири страстите кај двете страни, намерно или не, упати директна закана до Вучиќ кога му порача дека мировните сили на Алијансата во Косово се подготвени во секое време да интервенираат доколку се загрози стабилноста на државата.
Тука се испреплетени интересите и на Западот и на Русија, така што, многу опасно би било НАТО сега да влезе со вооружени сили и да направи каква било интервенција.
Дел од безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо велат дека ваквата негова изјава, колку и да звучи застрашувачки на прв поглед, сепак е добронамерно искажана со цел да се спречат какви било инциденти.
Експертите појаснуваат дека дури и да дојде до ескалација на тензиите во Косово, па дури и да се случи НАТО навистина да интервенира, тоа, сепак, нема воопшто да ја загрози безбедноста во Македонија.
Пензионираниот армиски полковник и актуелен претседател на Балканскиот форум за безбедност, д-р Благоја Марковски, смета дека изјавата на Столтенберг треба повеќе да се сфати како политички притисок и врз едните и врз другите.
– НАТО во моментов не ни може да интервенира на Косово, бидејќи тоа може да се направи само со одлука на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Јас не ја сфатив толку строго изјавата на Столтенберг дека Алијансата ќе интервенира ако се разгорат тензиите. Од една страна, не очекувам да ескалира состојбата во Косово, а од друга страна, не очекувам НАТО да интервенира. Тука се испреплетени интересите и на Западот и на Русија, така што, многу опасно би било НАТО сега да влезе со вооружени сили и да направи каква било интервенција. Верувам дека Столтенберг мислеше на КФОР кога зборуваше за интервенција, односно дека КФОР ќе ја преземе ситуацијата во свои раце за да не дојде до ескалација од страна на Косово или од страна на Србија. Неговата изјава треба повеќе да се сфати како еден политички притисок и врз едните и врз другите – објаснува Марковски.
Во однос на прашањето како евентуалните немири помеѓу Косово и Србија ќе се одразат врз Македонија со оглед на фактот дека сме членка на НАТО, Марковски вели дека земјава може во било кое време да се изземе од учество во операцијата.
– Во случај на ескалација на состојбите, Македонија како членка на Алијансата може да учествува, но има и целосно право да се изземе од било какво учество во таа интервенција на НАТО. Кога би дошло во било каква интервенција, Македонија не мора да учествува, може да изгради таков свој став и од тој аспект не гледам некаква посебна опасност кон нашата земја. Сепак, одлуката дали ќе учествуваме или ќе се изземеме ја носат претседателот на државата, кој е врховен командант, како и Владата, која е најодговорна за состојбите во државата – вели Марковски.
Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки и кривичното право, пак, има поинакво мислење.
Тој смета дека ако НАТО одлучи да интервенира во Косово, тогаш Македонија ќе мора да се инволвира во процесот и на тој начин да се замери со соседите.

– Проширувањето на конфликтот на северот на Косово ќе значи комплетна дестабилизација на регионот, а со тоа, сакале или не, мораме да признаеме дека и Македонија ќе се инволвира во тој процес на интервенција. Ние сме нова членка на НАТО и сигурно нашата територија и нашите аеродроми ќе бидат користени за таквите интервенции, а сето тоа ќе нѐ стави во неповолна државна комуникација со одредени држави, како на пример – Србија и Косово. Овој конфликт е директна дислокација на украинскиот конфликт, што значи дека мора да најдат ново жариште кое ќе го оправда тоа што не презедоа никакви активности во однос на Украина. Балканот е најлесно запаллив, а постојано ги држат под напон меѓуетничките односи, територијалните претензии и тн. Значи, Македонија ќе биде ставена во една исклучително незгодна ситуација: или ќе се замериме со Белград или со Приштина – објаснува Буџаковски.
Инаку, проблемот започна да станува сериозен на 31 јули кога Србите во северно Косово ги блокираа патиштата во близина на два клучни гранични премина со Србија. Tензиите се зголемија зашто на 1 август требаше да стапат на сила две одлуки на косовската влада со кои веќе нема да важат српските регистарски таблички за косовските градови и одлука со која ќе им се издава дополнителен документ за влез-излез на луѓето со српски лични карти.
Не дозволувам поставување барикади!
Командантот на КФОР, унгарскиот генерал Ференц Кајари, предупреди дека нема да дозволи поставување барикади на северот на Косово, зашто со тоа, како што рече, се загрозува слободата на движење.

Како што пренесе порталот Коссев, во разговор за РТК, Кајари оценил дека безбедносната ситуација на северот на Косово се „смирила“ после тензиите предизвикани од одлуката на Приштина да го укине важењето на српските лични карти и регистарски таблички.
– Поставувањето барикади не помага во решавање на ситуацијата. Ако се постават барикади, тоа го оневозможува слободното движење, а ако не се постигне договор, ќе дојдеме до момент кога КФОР ќе мора да делува за да овозможи слобода на движење – предупреди генералот.
Тој потврди дека на северот на Косово е зголемено присуството на КФОР и поставени се набљудувачници и технички контролни точки.
– Ги зголемивме патролните активности во целиот регион. Овие мерки за преземаат за да бидеме спремни за секој инцидент и поради поголема безбедност. Ако има тензии, ќе постапиме по својот мандат – наведе командантот на КФОР.