Македонија како нужно зло
Станува повеќе од очигледно дека овие политикантски „елити“ не можат да ја одиграат оваа историска партија на достоен, морален, и за државата доблестен начин. Нивната провинцијална егоистичност и самобендисаност се покажува неспособна да го одбрани достоинството на државата и граѓанинот во неа. Или, тие не мислат така? Но, како мислат, ако воопшто мислат?
Просто е неверојатно со каква ноншалантна ароганција државниот врв им пристапува на секојдневните скандали – сега веќе и насилни! – со источниот сосед коишто, очигледно е, прераснуваат и во безбедносен проблем. Претседателот на државата онака малолетно се истрчува со осуди за нејасни кафеански инциденти, министерот за надворешни работи спокојно слуша како за неговата земја велат дека ја продолжува „традицијата на палење, пукање и насилство врз луѓето“ и изјавува дека не го интересираат резултатите од истрагата туку што кажал еден од повредените во тепачката, министрите за полиција и одбрана мирно гледаат како странски авиони пред нос им слетуваат во државата и земаат со себе актер во кривично дело…! А од другата страна на границата – закани дека ќе сечат раце! Како сето ова за нашиве да е некаква фикција или се случува во некоја друга земја.
Освен ако тоа не е нова, таинствена агенда за домашно поткопување на евроинтегративниот процес и диригирано дополнително разгорување на веќе манифестираното нерасположение на јавноста кон истиот, натамошно поттикнување на пројавената нетрпеливост кон источниот сосед од страна на поединци и групи итн.? Цинично карикирам, нели? Се разбира, зашто никако поинаку не може да се протолкува ваквото плитко размислување и недоветно однесување на целиот државен врв.
Тој кој ќе рече дека, всушност, ваквото запрепастувачки недугаво однесување на власта стана правило во овие пет години, ќе биде во право. Но тоа не е ништо ново. А сепак – ново е, бидејќи во јавноста тие, заедно со нивните трабанти, секојдневно трубат за вложените напори за надминување на сите проблеми на европскиот пат на земјата, а во праксата тие „напори“ самите ги минираат и ги распламтуваат ионака силните пламени јазици на евроскептицизмот кај македонскиот граѓанин.
Од друга страна, станува повеќе од очигледно дека овие политикантски „елити“ не можат да ја одиграат оваа историска партија на достоен, морален, и за државата доблестен начин. Нивната провинцијална егоистичност и самобендисаност се покажува неспособна да го одбрани достоинството на државата и граѓанинот во неа. Или, тие не мислат така? Но, како мислат, ако воопшто мислат? И кој, како и со што го мотивира македонскиот граѓанин да ги надмине оваа беда и безизлез, да ги заборави тридецениските залудно потрошени/украдени годишни државни буџети, криминалните приватизации и уште побандитските распродажби на виталните државни ресурси? Односно: кој е, и каков е, ЕУ наративот денес во којшто македонскиот граѓанин треба повторно да поверува и да се пронајде себеси во него?
И веднаш да кажам – не се вбројувам себеси меѓу евроскептиците, напротив. Но, ако го слушате главниот македонски „идеолог“ на нашата евроинтеграција дека ЕУ е таа што ќе ни донесе „инфраструктурни проекти (…) и реформи во сите сфери на општеството?“, зарем не ве фаќа очај? Зарем ЕУ нам ни треба за „(… фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди (…)“? Ако власта и денес, после сѐ, така ја пропагира неопходноста од нашата интеграција во ЕУ, тогаш чудно ли е што толкав број граѓани преминуваа(т) во таборот на евроскептиците? И зарем некој навистина верува дека ЕУ самата ќе го сработи сето тоа и „на тацна“ ќе ни донесе подобри институции, реформи, европски стандарди…, а ние само ќе уживаме лежејќи и трошејќи ги нејзините фондови? Во такви филмови веќе ни децата не веруваат! Не треба ли некој, конечно, да ги смени таквите ЕУ наративи, и очекувања? Или, ако сакате, дојдовме ли до клучниот, можеби пресвртниот, момент на нашето разбирање на евроинтегративниот процес? Ако власта нема еден писмен човек кој би можел разложно, и релативно објективно, на граѓанинот да му ја предочи приказната „Македонија во ЕУ“, тогаш нели е подобро воопшто и да не ја раскажуваат?
Едновремено, во рамките на овие процеси, некој умен мора(ше) навреме, отворено, и не само пред македонската јавност, да ги предочи суштинските двигатели на соседските „политики“ кон Македонија, од каде што, потоа, произлегова проблемите со името, со историјата, со јазикот итн. Нема(ше) ли барем еден компетентен во онаа Историска комисија за лустрација да ги отвори соседските анахрони рецидиви/мотиви на „страв и страст“ кон Македонија, што понатаму релативно сликовито ги објаснува нивните современи чекори?
Следствено, очигледно е, веќе одамна, дека проблемот на евроскептицизмот кај нас има две исходишта. Едниот е т.н. „ЕУ политика на проширување“, а во тие рамки и нејзиниот свесно таргетиран потценувачки и дволичен однос кон Македонија, третирана не како суверен политички субјект туку како провинцијално нужно зло. А можеби и – ненужно, нели? Оваа држава сѐ уште во многу европски (празни) глави е видена како експериментална територија, молчалив консумент на сите лоши еу политики и криминални зделки (уште од времето на оној Солана, Хан и компанија, сега Вархеи и остала политикантска булумента!), ѓубриште за нивниот опасен отпад (човечки, нуклеарен, медицински и друг!) итн.
Но, вториот, нашиов локален криминално-коруптивен елемент е сепак главната фигура на политичката табла за (веќе одамна) недоверливиот македонски граѓанин. Лошите политики, малоумното и во основа безобразно простачко практикување на власта, непочитувањето на сопствените граѓани и неукоста на врхушката да ги објасни позитивните аспекти на ЕУ концептот за државата, експоненцијално го зголеми евроскептицизмот. Без оглед што Македонија природно – географски/геополитички, културно и др. – припаѓа кон Европа, канцерогениот континуитет на катастрофалното локално владеење го дистанцира граѓанинот од сериозната верба во способноста на овие „елити“ да се справат со интегративниот процес на начин што би ги гарантирал суштинските уставни определби на државата и основните човекови права на граѓанинот. Или, и власта всушност си ја гледа државата како – нужно зло?!
Приказната дека сѐ треба да се подреди на отворањето на преговарачкиот процес со ЕУ, дека тоа нема цена, дека мора да замолчиме и да затвориме очи пред отворената уцена од оваа евро-постава и нивната бескрупулозна узурпација на моќта на „посилниот“…, веќе одамна е заматена. Бугарија е само капакот! Затоа, впрочем, и овој наплив на ЕУ скептицизам, па дури и свртување на македонскиот граѓанин кон некои други „политики“, коишто пак тоа вешто го користат. И, се разбира, да не губиме од вид дека децата родени во онаа 1991 година денес се веќе триесетгодишници, заглавени – барем оние кои останаа овде – во овој жабурник на идиотизмот на македонските политикантски првенци!
Граѓанинот веќе не сака да прифати дека и тој и државата се нужно европско зло, дека Македонија и понатаму ќе биде црната дупка на Балканот, дека ќе служи за потсмев и поткусурување помеѓу соседите и ЕУ званичниците. Некогашниот македонски образовен систем (со сите негови мани), и не само тој, прилично точно лоцирал дека целата историја на Европа поминала низ Македонија, а македонската историја – го сакал некој тоа или не – е неделив (во одредени моменти и клучен!) дел од историјата на Европа! И тоа тешко ќе го променат не само нашиве слепци или оние преку источната граница, туку и, веќе осведочено, историски полуписменине ЕУ званичници. Просто е неверојатно како оваа власт, но и ЕУ, не можат да видат дека „политиката на мускули“ веќе не го плаши македонскиот граѓанин, дека тој е заморен од детски флоскули од типот „(ќе) дојде живот“ кога ќе влеземе во ЕУ. Но заморен е и од гледањето на бескрајната претстава на овие „елитни“ бескичменици и нивниот понизен танц на глупоста долж и попреку европската агенда.
Впрочем, ако една Шведска, дури и под безбедносни закани, смета – како што пишува Челиковиќ – дека не може, заради нечии барања, „да се откаже од Уставот“, зошто тоа би требала Македонија? Или, зошто во таа иста Шведска политичката елита едноставно не потклекнува пред странски уцени, а Македонија тоа го прави веќе три децении? Е, ама тоа е Шведска, таа не е нужно зло, веројатно би одговориле нашиве слепци. Но, помислуваат ли дека и македонскиот граѓанин има достоинство, дека ги избира своите политички претставници не заради тоа што се многу лични и/или умни туку заради мотивот земјата да се доближи до цивилизациски стандарди слични на тие во Шведска?
Извор: Теодосиевски уметност