Македонија како гасна комора

Но најстрашното е што граѓаните и на ова свикнаа, веќе ни е „нормално“ секојдневно да бидеме труени од криминалните „економски“ потенцијали на земјава и нивните „странски инвестиции“. Полека ја прифаќаме државава и како гасна комора, како уште едно неминовно зло залегнато на овој простор. Зло што поприма сѐ позастрачувачки димензии, зло што полека но сигурно одзема животи. Кога некој би се осмелил да ја филмува поновата историја на Скопје, но и на Македонија, во изминативе триесетина години, недвојбено би направил хорор филм! Со елементи на ефтин политички трилер.

1,007

Темата за преседаните – поточно: за „преседаните“ (не само оние два во правосудството спомнати минатиот пат) е неисцрпна во земји од типот на Македонија. Во Европа такви „држави“ одамна нема, ние сме единствени – речиси преседан! Како што впрочем и се покажува, особено според карактерот на нашиот „пат“ кон евроатлантските интеграции.

Меѓутоа ние, барем според европски скандали, сме држава-преседан и по многу други нешта: политички криминал и корупција, политичко силеџиство и партократија…, а одамна и по бескрупулозното труење на сопствениот народ. Но, прво за првото.






Имено, чекајќи ја одлуката за првиот „преседан“, оној за претседателката на Врховниот суд, дојде вториот: одлуката на Управниот суд за враќање на бившата претседателска на старата позиција во Судскиот совет. А за парадоксот да биде поголем, (и) таа ја оценува оваа постапка како „почеток на враќање на довербата во судството“ (sic!). Остаревме со нови почетоци на „подмладоциве“!

Но, старо-новата „претседателка“ рече и многу повеќе: „Лично сметам дека пресудата на Управниот суд е првиот чекор кој влева надеж дека правдата е достижна и сметам дека тоа е почеток на враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива и ако граѓаните не можат да ја видат“. Нешто слично како и претседателката на Врховниот суд и оној анонимнион „професор“, ветувајќи дека главата ќе нѐ заболи од толку многу правда. Или „правда“, како сакате.

Меѓутоа, ако „преседаните“ кај нас вообичаено имаат парадоксална димензија, тогаш примерот со старо-новата претседателка на Судскиот совет е еден од нив. Не само заради фактот што лично „претседателот“ на државата предложил стручна соработничка – и партиска активистка! – без ден судско искуство за член на Судскиот совет, која потоа авансираше дури до претседателка на истиот…, туку и заради сегашното јавно воодушевување сосе министерски аплаузи што повторно ќе ја имаме истата стручна соработничка за претседателка на Судскиот совет. Која ќе го среди македонското судско! Алелуја.

Еднаков парадоксален преседан е и целиот „случај Палевски“ и, за жал, политизацијата и вулгаризацијата на грозоморното убиство на млада девојка и возрасен човек, што во македонското општество промовираше нов тип на јавен линч, особено од страна на надлежни државни институции. Се отиде дотаму министер на полиција да бара забрана на политичка партија заради осомничениот (во бегство) претседател на таа партија!

Дел од „медиумите“ пак отидоа и многу чекори подалеку интимизирајќи се со „Вања и Панче“, со нивниот „Палчо“ (со кој, повеќето од нив, тукуречи до вчера пријателуваа и соработуваа), никому не му пречеше – освен на проф. Калајџиев! – сатанизацијата и јавното поименично черечење на сѐ уште само осомничен човек, па ни огромните „дупки“ што почнаа да се појавуваат во истрагата итн. Како сите, преку намерното опструирање на презумпцијата на невиност на осомничените, а особено на главниот осомничен, да сакаа(т) тој нивен „Палчо“ да се здобие со што повеќе аргументи дека во земјава нема да има фер судење и да бара да не биде екстрадиран!

Или, зошто никој не именува виновник (или виновници) во еднакво грозоморниот скандалозен „преседан“ вика „случај Онкологија“, па и во „преседанот“ викан „случај Тетово“ и пожарот во модуларната болница, или „случајот Ласкарци“ итн.? Или и тие случаи ќе ги реши старо-новата стручна соработничка со „враќање на довербата во судството“?

Но, за парадоксот со овие „преседани“ да биде поголем, па и поужасен, ако баш сакате, е фактот што и власта, и медиумите и целото општество остануваат целосно рамнодушни кон најгрозоморното масовно убиство во државава – аерозагадувањето. Сите претходно спомнати скандалозни „преседани“, но и најновите од типот на М-НАВ, Чебрен, Ќосето и други, се детска игра во споредба со жртвите што (ќе) ги зема гасната комора викана Македонија! Дури и Ќосето, кој со стотина ликвидирани „непослушници“ е „мачкина кашлица“ и (повторно) добива – споменик! Но сега на целосно погрешно место. Првото му беше посоодветно.

Ќосето, имено, дефинитивно треба да си го најде местото некаде во близината на Владата, ако не баш точно пред неа. Зашто тој е мало дете во споредба со размерите на ова масовно убиство со загадувањето што оваа власт – но и претходните! – со години им го сервираат на македонските граѓани! Местото на македонските градови на самиот врв на светската листа на најзагадени градови апсолутно преминува во континуирано и од никого непопречено и несанкционирано убиство на сопствениот народ од невидени размери.

Министерството за животна средина и онаа – дефинитивно комична – „госпоѓа министерка“  се само уште една скандалозна цртичка во масовната и долготрајна еколошка трагедија во државава. Се сеќавате на оној претходниот, „гливонемиот“, кој не знаеше ни два збора македонски? А знаете со каков „дил“ стана министер?

Како и да е, овој државен орган дефинитивно се претвори во уште едно „радио милева“ на препорачани мерки кои ионака никој не ги спроведува. Наместо ургентна краткорочна офанзива во борбата против ваквите димензии на страотно загадување, вклучувајќи ги тука намалувањето на прилив на население во главниот град, намалување односно ограничување на движењето на возилата, најстрога контрола на квалитетот на возилата во јавниот превоз, дефинитивна забрана на нови градежни активности во Скопје итн., тие препорачуваат кои лица да бидат ден-два ослободени од одење на работа! И одвај чекаат загадувањето да се намали за некој милиграм на метар кубен и да ги укинат и најбаналните „мерки“ за заштита на повозрасните и болните лица.

Зарем навистина на државава ѝ треба цело едно министерство трансформирано во вклучувач на црвени или жолти аларми? Или, ако баш морате, слушајте го „надлежниот“ директор на инспекцијата за заштита и неговите приказни за „епизоди“ во загадувањето во државава!

Посебна приказна во оваа гасна комора е „кметицата“ на Град Скопје која бави со формирање партија и со кавга со јавноста дали ќе се објавуваат како меродавни мерењата на IQAir или   WAQI или некој трет, небаре разликата од 1-2% во резултатот прави голема разлика.

И речиси по правило медиумите ваквите димензии на аерозагадувањето ги поврзуваат со маглата или зсагревање на домовите со огревно дрво, па дури наоѓаат и лекари кои тоа ќе им го потврдат, а за последиците од истото зборот погубни редовно го ставаат во наводници. Што сакаат да ни кажат со тоа? Дека тоа е релативно, дискутабилно, наша измислица…?

Но најстрашното е што граѓаните и на ова свикнаа, веќе ни е „нормално“ секојдневно да бидеме труени од криминалните „економски“ потенцијали на земјава и нивните „странски инвестиции“. Полека ја прифаќаме државава и како гасна комора, како уште едно неминовно зло залегнато на овој простор. Зло што поприма сѐ позастрачувачки димензии, зло што полека но сигурно одзема животи. Кога некој би се осмелил да ја филмува поновата историја на Скопје, но и на Македонија, во изминативе триесетина години, недвојбено би направил хорор филм! Со елементи на ефтин политички трилер.

Поврзани содржини